Македонскиот кандидат во две категории, за документарен и за филм од странско говорно подрачје, „Медена земја“, иако не успеа да се закити со статуетка, сепак, едногласно е прогласен за еден од нашите најголеми успеси

Зборови на поддршка деновиве не се штедат во македонската јавност, иако возбудата полека попушта по завршувањето на најдолгата филмска ноќ на доделувањето на наградите на Американската филмска академија. Македонскиот кандидат во две категории, за документарен и за филм од странско говорно подрачје, „Медена земја“, иако не успеа да се закити со статуетка, сепак, едногласно е прогласен за еден од нашите најголеми успеси. Токму така и македонскиот писател Томислав Османли го опиша филмот, кој, според него, ни донесе повеќе вредности.

– Ни донесе импресивен број филмски награди и нови афирмации на нашиот културен и државен идентитет, покажа дека овде не се произведува само отровна атмосфера туку битни културни вредности, вдахна надеж и убаво очекување и за највисоката филмска награда (а, патем, речиси неосетно, го собираше медот од толкав голем број најрелевантни филмски признанија!). И уште нешто: ни го обезбеди најубавиот можен епитет, Медена земја, од сиромашни но благородни, роеви (диви?!) пчели што произведуваат – природен мед. И во филмска и во хуманистичка смисла. Во време на толку синтетски производи, тие произведоа еден нискобуџетен уверлив и документарец со еколошки и со хуманистички поттици. Покажаа дека вистинската убавина не е онаа надворешната, дури не и онаа амбиенталната, туку онаа што блеска во човекот и во топол однос кон најблискиот, но и кон другите. И во одмерениот хуман однос кон природата. Тоа е филмски мед од одлично артикулирани, природни документарни супстанции. Накратко: горди сме на нив и на нивниот благороден, човекољубив и проридољубив филм. Напред, дечки! Благодариме, драга Хатиџе Муратова, ти покажа дека душата и добрината се поважни од имиџот и шминката – вели Османли.

Режисерот Владимир Милчин, пак, кратко напиша: „И без ’оскар’, ’Медена земја’ е најубавото нешто што ни се случи во 2019 година.“
– Требаше да добијат „оскар“ за најдобар документарен филм, ме убива фактот што секогаш политиката како тема е посилна од еколошките и општествените теми во уметноста (независно колку се добри режисерот и неговата/нејзината екипа). Како и да е, екипата на „Ханиленд“ постигна брилијантен извонреден успех, и без „оскар“ сите врати им се отворени. Мои искрени честитки! Лобирам за континуирана поддршка и континуиран развој на современата култура и уметност во Македонија. Да живее уметноста! – порача Иванка Апостолова Баскар, културен антрополог.
Актерката Синоличка Трпкова, пак, вели дека е неоспорна заедничката радост за успехот на „Медена земја“, но вистинскиот успех доаѓа само и исклучиво со разбирање и доживување на пораката од овој филм.

– Начинот на кој е создаден, вербата, љубовта, љубопитноста, истрајноста, скромноста, насмевките на младите творци, заедно со духовната чистота на главните протагонисти, се возбуда и поттик сами по себе. Сега имаме наш пример, создаван три години по ред, од млади овде образовани луѓе, во срцето на нашата татковина. Мислам дека е редно да се престане со популизмот како – неработни денови, денови на мед, помош за овој-оној, а да се почне да се работи сериозно и од срце за земјата и луѓето што живеат во неа… Мојот сомнеж дека нашиот капацитет е исцрпен, единствено „Медена земја го побива“. Најмалку како успех, најмногу како надеж дека во земјава сѐ уште тлее потенцијал. Само до кога, е прашањето – напиша Трпкова.
Продуцентот Иво Антов, пак, порача: „Браво, Ханиленд. Засекогаш ќе бидеш сјајно парче од сложувалката наречена Македонија“.

И уметницата Гордана Вренцоска коментираше на својот профил.
– Атиџе ни даде нова светлина во нашата темна општествено-политичка реалност и ни стана национална хероина во голема конкуренција на сите оние итарпејовци што не знаат за ништо друго освен за измами, лична корист и надмудрување со противниците. Има многу такви чесни и искрени луѓе како Атиџе што никако не можат да дојдат до израз од гореспоменатите креатури, па голема благодарност до авторите на „Медена земја“ што ѝ дадоа јавно признание и ни покажаа дека добри луѓе сѐ уште постојат. Филмот за мене е ретко добро дело и ќе продолжи со години натаму да биде пример за идните генерации во уметничка и хумана смисла. А за „оскарот“ – да се потсетиме дека ниту Стенли Кјубрик ниту Алфред Хичкок ја добиле оваа награда за најдобар режисер! Ама филмовите им се тука со нас до вечноста. Браво, Ханиленд! – вели Вренцоска.
Фотографот Роберт Јанкуловски вели дека сите сме по малку разочарани, но ние многу добивме.

– Самиот факт дека дојдовме до две номинации за „оскар“ е една огромна добивка за сите, за цела Македонија и за сите филмаџии што сме тука. Јас мислев дека „оскарот“ за најдобар документарен филм, секако, е наш. Така и настапував деновиве, но конкуренцијата е огромна. Сите тие филмови се едни врвни дела и иако слушаме дека има доста ургенции, врски итн. За да се влезе во тие пет филма, треба да се има перфектно, одлично дело. Кој било од тие да добие нема да биде никаква грешка, бидејќи тие се ремек-дела – вели Јанкуловски.
Дизајнерот Зоран Кардула, кој веќе направи неколку постери инспирирани од филмот, смета дека целата екипа му покажа на целиот свет што знае и умее.
– Ги собраа сите можни награди, фали уште една, која се доделува вечер, но стварно небитно дали би добиле „оскар“ или не, тие се победници. Испратија моќна порака до светот во време кога стварно е повеќе од потребно. Уште еднаш браво и честитки – порача тој пред доделувањето.

Новинарката и писателка Ана Јовковска смета дека пораката што му ја испрати „Медена земја“ на светот е најважниот „оскар“.
– Да се надеваме дека љубовта кон природата, соживотот со животните, скромноста, грижата, антиконсумеризмот и добрината се патиштата до црвениот килим за спасот на човештвото и планетата! Медени, горди сме на вашата храбра и свесна приказна – рече таа.
Филмскиот критичар Владо Галевски порача дека со филмот „Медена земја“ е достигнат максимумот.
– Многу поголеми и поскапи филмови оваа година не успеаја да добијат сериозни награди. Не треба да жалиме за „Медена земја“. Тој останува еден од најдобрите културни продукти на оваа држава и сметам дека ова е максимумот што може да се постигне. Сметам дека победи просечен филм – истакна Галевски.

И многу познати личности во Америка го спомнаа филмот на своите профили на социјалните мрежи: Даниел Заичик, музичар и композитор; Адам Кантор, актер и пејач, познат по своите улоги на „Бродвеј“; Едгар Рајт, режисер, сценарист и продуцент; Џејми Ли Кертис, актерка и писателка; Фил Лорд, режисер и сценарист; Ан Томсон, новинарка и уредничка во „Инди вајр“; Мајк Бербиглија, комичар, сценарист и режисер; Зак Шарф, новинар; Лора Дерн, актерка, режисерка и продуцентка; Сара Џесика Паркер, актерка; Марк Дуплес, актер, режисер и музичар…
Ерик Кон за „Инди вајр“, пак, напиша: „Дури и да не добие ’оскар’, исклучителна реткост е што воопшто гледаме ваква суптилна кинематографска уметност да биде признаена, но и закитена со двојна номинација, што, само по себе, го прави ’Медена земја’ потполно нов тип на победник…“