Кинотечната програма за јули содржи неколку интересни блоковски содржини. На 1 јули (четврток) програмата во Кинотеката на Македонија започнува со документарниот музички филм „Влатко Стефановски во живо во Лисински“, во продукција на загрепската „Кроација рекордс“ (некогашната култна дискографска куќа „Југотон“) и секој четврток до крајот на месецот под насловот „Музички четвртоци на Кроација рекордс“ ќе имаме можност да видиме музички документарци од оваа куќа. Тука се концертите на Јосипа Лисац, Раде Шербеџија, Амира Медуњанин и Џеј Ар Аугуст.
Ќе ги видиме и годинашниот оскаровец „Уште една тура“ на Томас Винтерберг и еден од најдобрите европски филмови сезонава, „Шарлатан“ на Агњешка Холанд.
На програмата е и шведскиот филм „Колку боровинки има во светот“ на Лена Копел, кој го открива хоризонтот на кој се лицата со попреченост, а кои се повеќе или помалку заборавени во рутинското темпо на нашите животи. Од 9 до 14 јули, летното кино ќе биде домаќин на програмата на „Кафе кино на Скопско лето“, а потоа следува насловот „Сите против сите“ на словенечкиот режисер Андреј Кошак, филм со македонско малцинско продукциско учество.
Рускиот наслов „Супердлабоко“ е спектакл креиран од припадникот на новата генерација филмаџии, режисерот и сценарист Арсениј Сјухин. „Смрт во Венеција“ на Лукино Висконти е работен според новелата на еден од најзначајните германски книжевници на 20 век – Томас Ман. „Гозбата на Бабет“ на режисерот Габриел Аксел исто така е според книжевна предлошка, оваа е на исклучителната Карен Бликсен, можеби попозната по романот и филмот „Моја Африка“. Следува „Навигаторот“ на холивудската легенда од ерата на немиот филм, „човекот со камено лице“ Бастер Китон. Мини-циклусот на класиците се заокружува со „Вештерката“ на шведско-данскиот автор Бенјамин Кристенсен, кој е еден од втемелувачите на хорор-жанрот во филмот од почетокот на минатиот век.