Филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ организира дводневен летен филмски настан со наслов „Чил аут“ во отворениот простор на Кинотеката на Македонија, на 27 и 28 август. Настанот ќе се отвори со изложба на визуелниот уметник Стефан Шашков насловена „Мешање звуци“, која е инспирирана од музиката на авангардните амбиент-музичари Брајан и Роџер Ино, Џон Хасел, Харолд Бад и Роберт Фрип. Во продолжение, првиот ден ќе бидат прикажани документарни филмови за Брајан Ино, „Имагинарни пејзажи“ и „Џон се обидуваше да контактира со вонземјани“, како и „Приказни од искршениот џубокс“ за музичарот и поет Том Вејтс. Вториот ден ќе се прикажат филмовите „Гранд хотел Барбес“ и „Систем К“.

Брајан Ино е една од најважните фигури во светот на музиката и визуелните уметности, како во 20 век така и во 21 век. Иновативен, експанзивен и контроверзен, Ино во кој било момент од неговата богата кариера наидувал на топол прием и признанија поради своите идеи, емотивен интензитет и музички иновации. Сето тоа ќе биде прикажано во филмот „Имагинарни пејзажи“, заедно со изложбата на Шашков „Мешање звуци“.

Настанот е организиран во соработка со Кинотеката на Македонија и со Францускиот културен центар. Тој ќе биде реализиран според актуелните здравствени протоколи, кои се одобрени од Министерството за здравство за организација на јавни настани на отворено. Авторка на визуелното решение е Дијана Димитриевска.

Редовното 7. издание на „Скопје синема сити“ е планирано да се отвори на 19 септември.