Меѓународната федерација на филмски архиви (ФИАФ) на еден од онлајн настаните, кои ги заменија активностите на планираниот годинашен конгрес, му оддаде почит на неодамна починатиот Борис Ноневски, поранешен директор на Кинотеката на Македонија, во чие време Кинотеката ги збогати научноистражувачката и издавачката дејност преку организирање симпозиуми со интернационален карактер.
– Годинешниот конгрес на ФИАФ, 77. по ред, требаше да биде одржан месецов во Дака, Бангладеш, со што ќе се прославеше и златниот јубилеј, 50-годишнината од постоењето на националниот филмски архив на оваа земја. Со оглед на тоа што пандемијата сè уште не дозволува масовни настани, ФИАФ одржа неколку виртуелни настани како замена за планираниот конгрес. На 21 април три комисии на ФИАФ ги одржаа нивните годишни работилници за заштита на филмското наследство, а Генералното собрание на 22 и 23 април одржа виртуелно заседавање, со учество на 172-те членки на Федерацијата, на кое им беше оддадена почит на починатите истакнати членови, меѓу кои и Ноневски – велат од Кинотеката.

Ноневски беше истраен истражувач, посветен аналитичар и голем вљубеник во филмот. За време на неговото раководење со Кинотеката беа формирани два оддели, филмски архив и јавна дејност, а потоа и оддел за документација, воведување систематско и аналитичко обработување на филмовите (одделно документарни и играни), формирање и воспоставување на принципите на обработка, систематизирање, каталогизирање, организирање фототека и одделот за музејски експонати. Воспоставени се методологии по кои до денес се работи во Кинотеката и започнати се и завршени голем број проекти. Исто така започнати се и повеќе видови каталози и каталогизирање на филмовите. Под раководство на Ноневски започнаа и првите сериозни проекти за заштита на филмската историја преку изработка на нови филмски копии. Ноневски, како директор на Кинотеката, во 1993 година го организира и првото интернационално издание на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а Кинотеката беше организатор на фестивалот и наредната, 1994 година.
Во 2009 година, Владата на Република Франција на Ноневски му го додели високото одликување Витез во редот на уметностите и литературата.