Со пригодна свеченост на платото на Македонскиот народен театар, во 20.30 часот, вечерва, ќе почне 14. издание на Меѓународниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, а петнаесет минути подоцна, на северозападната тераса ќе почне изведбата на македонската премиера на претставата „Четири“, во режија и кореографија на Ирена Лозинска.
Претставата е најавена како сублимат на физички театар, буто, танц и пантомима. Фестивалот ќе трае до втори јули и вторпат ќе се одржува на отворено. Утре од 10 до 14 часот на програмата е театарската работилница „Слободно тело – слободно движење“, чиј водител е Марко Стојановиќ од културниот центар „Нектан арт“ од Србија, а во 20.30 часот претставата „Комедија дел арте“ на Александар Илиев од Бугарија. Во 21.30 часот, Марко Стојановиќ ќе го изведе буто-перформансот „Светиот Маченик“.
– Продолжуваме да чекориме и да ги промовираме пантомимата и физичкиот театар колку тоа и да изгледа тешко во овие времиња. А тешко е – велат од „Панфиз“. Билетите за претставите ќе бидат поделени пред нивното почнување, по принципот прв дојден прв услужен.