Во Музејот на историјата на уметноста во Виена деновиве е отворена изложбата „Бројгел“, која ќе трае до 13 јануари 2019 година.
Останати се само 40 слики на Питер Бројгел, славниот фламански ренесансен сликар познат по пејзажите и фолклорот, а дури 12 се во виенскиот Музеј на историјата на уметноста, вклучувајќи ја и неговата „Вавилонска кула“ од 1563 година. Кон овие дела на оваа изложба ќе бидат додадени уште неколку драгоцени примероци од други музеи и приватни колекции, од кои дел што никогаш не биле позајмени.

Питер Бројгел Помладиот, фламански сликар од 16 век главно сликал пејзажи, како и религиозни и фантастични мотиви. На сликите со фантастична тематика често прикажува оган и гротескни фигури, поради што го нарекувале „пеколниот Бројгел“. Покрај своите слики, ги копирал и трудовите на својот татко, што често доведувало до забуна околу авторството на одделни слики.

Припаѓал на истакнатото сликарско семејство Бројгел.
Роден е во Брисел како најстар син на прочуениот сликар Питер Бројгел Постариот, наречен „Селанецот Бројгел“, и Мајкен Куке ван Алст. Татко му починал кога помладиот Питер имал само пет години. По смртта на мајка му, со брат му Јан, наречен „Кадифениот Бројгел“, и сестра му Марија се преселил кај баба му, Мајкен Верхулст, вдовица на сликарот Питер Куке ван Алст. Таа и самата била сликарка и веројатно нивен прв наставник по ликовна уметност. Нешто по 1578 г. семејството се преселило во Антверпен, а Питер веројатно се главил за чирак кај сликарот Гилис ван Конингсло. Се оженил со Елизабета Годеле и имале седум деца. Починал во Антверпен на возраст од 72 години.

Сликал предели и сцени со верска и фантастична тематика. Фантастичните сцени содржат мошне бизарни ликови и пламен, со кои го заработил прекарот. Меѓу најпознатите дела му се: „Изградбата на Вавилонската кула“, „Распетие“, „Светото Семејство со Јован Крстител“, „Искачување на Голгота“, „Мртва природа со цвеќе“, „Мртва природа со Светата Рода“, „Селски панаѓур“, „Селскиот правник“, „Богородица и Исус со малиот Св. Јован и цветен венец“…