Ретроспективна изложба на академик Васко Ташковски, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и во светот, ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во „Даутпашиниот амам“, во организација на Националната галерија на Македонија. Ќе бидат претставени слики, акварели и цртежи од сите творечки фази на авторот.
Влијанијата и рефлексиите од надреализмот и фантастиката, авторот ги трансформира во негов автохтон јазик со специфични елементи презентирани преку повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела: околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.
– Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека, која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство, кое е класично според својата пластична структура, а наедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета. Конкретно, исклучителноста, односно издвоеноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на овие надреално фантастични визии како константен предизвик, определба што постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство – велат од Националната галерија на Македонија.
За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали“) од 1974 година.