Делото беше поставено во рамките на изложбата на дела на Дора Маар во лондонската галерија „Тејт модерн“, која претходно беше презентирана во центарот „Помпиду“ во Париз, а потоа ќе се сели во Лос Анџелес

Несекојдневен инцидент се случи неодамна во лондонската галерија „Тејт модерн“, кога дваесетгодишното момче Шакил Месеј уништи слика на славниот уметник Пабло Пикасо, вредна 20 милиони фунти.
Како што известуваат британските медиуми, споменатата галерија делото „Деколте на жена“ од 1944 година на Пикасо го издвоила од поставката за да се утврди штетата, а, според извештаите, сликата е искината. Шакил Месеј моментално се наоѓа во притвор, откако е одбиена кауција да се брани од слобода. Тој го чека сослушувањето пред закажаното судење за 30 јануари.

Сликата „Деколте на жена“ ја прикажува Пикасовата љубовница Дора Маар, која е насликана во Париз во текот на последните месеци од нацистичката окупација.
„Њујорк тајмс“ ја нарече Дора Маар Пикасова муза и главен модел на неговите таканаречени портрети на расплакани жени, додека британски „Индипендент“, впрочем, спомена дека Маар и самата била уметница, но истакна и дека, и покрај тоа, таа ќе остане запаметена како „најемотивната од сите љубовници на Пикасо“.

Делото беше поставено во рамките на изложбата на дела на Дора Маар во лондонската галерија „Тејт модерн“, која претходно беше презентирана во центарот „Помпиду“ во Париз, а потоа ќе се сели во Лос Анџелес.

Познатата француска надреалистичка фотографка и сликарка Дора Маар, или Анриет Теодора Марковиќ, како што се нејзиното оригинално име и презиме, умрела во 1997 година во Париз, на деведесет години. Оваа изложба се обидува да го прикаже нејзиниот живот и да ја извади од сенката на Пикасо. Тој бил голем сликар, но пред да се запознаат во 1935 година, таа во Франција била популарна поради фотографиите што ги создавала.

Некои од нејзините фотографии се мрачни и најавуваат пропаст, додека некои се духовити. Модните фотографии биле само дел од нејзината работа. Ги фотографирала луѓето што гладуваат во Барселона. Нејзиниот опус е занемарен, бидејќи сите ја гледале само низ призмата на Пикасо. Ема Лејвис е кустос на изложбата во „Тејт модерн“, на која се претставени 250 нејзини фотографии. Таа вели дека се одушевува од „мрачниот гламур“ на нејзината работа.

Маар исто така фотографирала и некои од 30.000 жители на таканаречената „ла зона“ – сиромашна периферија на Париз. Како на жена, ѝ било тешко да биде дел од уметничката група што ја сочинувале надреалистите. Посетителите на изложбата на Маар може да видат и некои дела на Пикасо на кои таа влијаела, а меѓу тие дела е и уништената слика.