Стаклената скулптура, два милиони пати поголема од вистинскиот вирус, дело на уметникот Лук Џерам, изнесува 23 сантиметри во дијаметар. Скулптурата беше нарачана пред осум недели од универзитет во САД, пред ширењето на ковид-19 да биде потврдено како пандемија, а беше завршена во студиото на Џерам во Бристол.
– Ова уметничко дело претставува почит кон научниците и медицинските тимови, кои работат заедно низ целиот свет за да се обидат да го забават ширењето на вирусот. Од витално значење е да се обидеме да го забавиме ширењето на коронавирусот со заедничка соработка на глобално ниво, за да можат нашите здравствени услуги да управуваат со оваа пандемија – вели Џерам.

Тој објаснува дека ова дело било создадено како алтернатива на „вештачки обоена слика“ на ковид-19.
– Всушност, вирусите немаат боја бидејќи се помали од брановата должина на светлината – открива Џерам.
Скулптурата, направена преку процес на научно дување на стакло, е заснована врз најновите научни сфаќања и дијаграми на вирусот. Сите пари од комисијата ќе одат во „Доктори без граници“, кои ќе им помогнат на земјите во развој да се справат со коронавирусот. Џерам и неговиот тим за дување на стакло претходно направија скулптури од свински грип, ебола, сипаници и ХИВ.