Филмот „Ефектот на среќа“ има задача да поттикне различен вид размислување и поглед кон филмската уметност и креирањето каква било информација што ја споделуваме во етерот, вели режисерот Борјан Зафировски

Борјан Зафировски, режисер

„Човекот се качи на Месечината, но не научи да биде среќен“ е главниот лајтмотив на режисерот Борјан Зафировски во неговиот прв долгометражен игран филм „Ефектот на среќа“. Тој прeку главната протагонистка во филмот Леа ја стимулира потрагата по хормонот на среќата, себезадоволството, себеисполнетоста на луѓето во хипердинамичниот свет. Доаѓа до заклучок дека сите луѓе доживуваат среќа преку многу различни феномени и начини на перцепција, како тактилна, дигестивна, аудитивна, мисловна, мирисна, и дека тоа е индивидуален феномен. Леа е олицетворение на новите генерации, кои имаат храброст и желба за унапредување на сѐ што претходната генерација не успеала да го постигне.

Почетна точка во „Ефектот на среќа“ ви се Гете и „Страдањата на младиот Вертер“, познатиот Вертер-ефект, кој носи мултиплицирање на негативноста. Филмот ја обработува психологијата на оптимизмот. Каков ефект, всушност, сакавте да предизвикате со филмот?
– Филмот има за задача да поттикне различен вид на размислување и поглед кон филмската уметност и креирањето каква било информација што ја споделуваме во етерот. Според мене, постои голема несвесност во поглед на тоа што креираме, од каква состојба креираме и што им пренесуваме на илјадници гледачи или читатели. Сите ние сме одговорни за секојдневното создавање негативен домино-ефект, како Вертеровиот ефект, но исто така ја имаме можноста да избираме и да создадеме позитивен домино-ефект или „ефект на среќа“. Разликата често е помеѓу еден несвесен креатор и свесен креатор.

Една теорија вели дека под Вертеров ефект се мисли на феноменот во кој бројот на самоубиства меѓу населението фрапантно расте доколку проминентно и сензационалистички се известува за самоубиства. Или со негативни известувања се намножуваат депресијата, песимизмот… Токму кон постигнување на спротивниот ефект се стреми Леа во филмот. Може ли да се најде равенка за хепинес-ефектот? Кој е ефектот на среќа?
– Леа ја разбира својата смртност на рани години, со што кај неа исчезнуваат сите стравови, освен оној дека ќе си замине, а нема да остави ништо зад себе. На Леа како студентка по психологија најголемиот предизвик ѝ е да открие што ги прави луѓето среќни, бидејќи таа речиси и не познава некој човек што е навистина среќен. Леа доаѓа до заклучок дека сите луѓе доживуваат среќа преку многу различни феномени и начини на перцепција, како тактилна, дигестивна, аудитивна, мисловна, мирисна, и дека тоа е индивидуален феномен. До овие заклучоци дојдовме по спроведувањето вистинско истражување, во кое беа вклучени стотина лица. Индивидуалноста и разноликоста на доживувањата на среќа ме изненадија и мене. Тие речиси немаа никаков НЗС. Единствен, но не многу значаен лајтмотив во приказните беше присуството на вода во одреден број ситуации и моменти почувствувани покрај море или езеро, што не е некој изненадувачки елемент, ако земеме предвид дека на море одиме на годишен одмор и кога веројатноста дека сме најрастоварени од грижи е најголема.

Леа – една фасцинантна девојка со полн состав на еден карактерен филмски лик. Исфрла на виделина неколку табу-теми што се присутни во општеството. Носи голем багаж со себе, кој дополнително ја охрабрува да зрачи позитивно. Дали таа е промената што треба да ја разбудиме во секого од нас?
– Леа е олицетворение на новите генерации, кои имаат храброст и желба за унапредување на сѐ што претходната генерација не успеала да го постигне. Претходната генерација се борела со претходната и тоа е еден природен процес на еволуција. Тоа е еден постојан апдејт на човештвото, кој секоја индивидуа има потреба и задача да го прави. Тој апдејт често бил во форма на авангардна уметност или начин на размислување. Во денешно време на речиси целосна слобода на информацијата, речиси секоја индивидуа, без разлика на годините или географската положба, има пристап до овој социјален, духовен, етички и естетски апдејт. Според мене, уметниците се во најпривилегирана позиција да споделат еден ваков вид апдејт и позитивен домино-ефект на ширење нова информација. Тоа бара свесност и одговорност прво тие вистински да се издигнат, па дури потоа да го „проповедаат“ она што навистина го знаат, бидејќи често се вели „не пренесувај го она што не го знаеш“.

„Човекот се качи на Месечината, а не научи да биде среќен“. Длабоки размисли побудивте со „Ефектот на среќа“. Зошто, според вас, човекот не умее да биде среќен?
– Мојот фокус е секогаш на тоа како човекот може да биде среќен. Среќата не се постигнува со отстранување на несреќата, иако несвесно често се трудиме да го направиме тоа. Доколку проблемите или несреќата би биле радиостаница и од десет постои само една среќна радиостаница, ние често се трудиме да ги исклучиме сите несреќни станици за да ни остане само среќната. Поедноставен пристап е директното приклучување на позитивната радиостаница.

Борјан Зафировски и Дејана Попоска

„Ефектот на среќа“ е смел проект. Бегате од патетика. Правите портрет на животот со флуоресцентни бои низ многу кревки теми. Внесувате свеж и изненадувачки пријатен актерски дух, комплетиран со докажани имиња. Го позициониравте филмот во современото темпо на живот, во урбан крајолик на Скопје. Како го оценувате вашиот краен производ?
– За еден автор е најбитно прво да успее да го реализира она што го замислил. Често од идејата до реализацијата има голема дисхармонија, особено во создавањето филмска уметност во услови на ограничен буџет. Од тој аспект сум задоволен, за што помогна целата екипа, како и продуцентот Сашо Пешев. Едно филмско дело е пред сѐ една синергија на многу индивидуалци и сектори помеѓу кои режисерот треба да создаде еден вид естетска хармонија. Другото им го оставам на публиката и на времето да покажат дали овој проект е стиропор или мермер.

Начнавте повеќе категории на карактери и теми. Лезбејките се тука, насекаде околу нас, еротиката е елементарна за среќа, со канцерот се води битка со силна мисла и позитивен став, многу од нас бегаат од себе, зад многу семејства има длабок јадеж. Какви табуа сакавте да разголите?
– Во суштината на сите овие комплексни теми лежи фактот дека има еден огромен товар на непотребно страдање и недоразбирање. Дисхармонијата лежи помеѓу луѓето со застарени погледи на светот и новиот апдејт што треба да биде направен. Немам никаков сомнеж дека оваа промена ќе се случи. Во некои општества порано, а во некои, како нашето, малку подоцна. Сите ние имаме одговорност за издигање на свесноста и забрзување на овој процес.

Во час и половина успеавте да екранизирате различни светогледи и вртоглаво да ја одржите динамиката на филмскиот ритам. Кој ви беше лајтмотивот?
– Не би можел да посочам едно место, но веројатно тоа е еден колаж на лично доживеани искуства, како и свесна и несвесна инспирација од безброј други филмски, ликовни и литературни дела.

Рафинираните дијалози, зашеќерени со многу интригантни податоци, фрази, скопски сленг, потврдуваат дека сценариото е внимателно и темелно обработено… Во кој цитат пулсира ефектот на среќа?
– За скопските дијалози имав голема помош и чест да го имам за соработник Дејан Дуковски, кој е мајстор на драмскиот дијалог. Кога би морал да издвојам еден цитат, тоа веројатно би бил: „Човекот се качи на Месечината, но сѐ уште не научи да биде среќен“.

Споменавте дека ја канализирате вашата креативна енергија во ново сценарио…
– Сценариото за следниот проект наречен „Аквариум“ го завршив неодамна, а соработката е токму со Дејан Дуковски, кој е косценарист, и со Дејана Попоска, која е соработничка на овој проект, и се надевам на иден филм. Овој проект ја обработува темата на слобода и на менталниот аквариум во кој сме заробени. Филмот се планира да биде снимен во Охрид и на Охридско Езеро, како најдобар репрезент на нашето историско, духовно и природно наследство, кое, за жал, во последно време е загрозено од многу фактори и бара нов пристап и реевалуација на нашиот однос и поглед кон ова богатство.