Симона Манчева, координаторка на проектот „Скулптури од лаванда и друга диворастечка флора“, е задоволна од вниманието што го привлекува истоимената изложба во Куманово, која досега ја виде и публиката во Неготино и во Кавадарци. Изложбата содржи скулптури од сапун, кои седум уметници ги изработија лани на висорамнината Витачево

Симона Манчева, уметница

Симона Манчева е уметница од Кавадарци со магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учествувала на повеќе групни изложби и фестивали, меѓу кои: „Преземање на патријархатот Апарт“ – феминистичка групна изложба во Берлин, „Со око на маргините“ – квир-изложба на фотографии, Скопски саем; Трансформации; „Нашата Фукушима“, меѓународна групна изложба, дел од интернационалниот уметнички проект „Гогојоши“. Таа учествувала на работилници во Македонија и во странство, а реализирала и повеќе самостојни изложби, од кои последната „Сопство“ се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје и во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.
Во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово во тек е изложбата „Скулптури од лаванда и друга диворастечка флора“, која е дел од истоимениот проект, чија иницијаторка и координаторка e Манчева. Проектот е реализиран во соработка со здружението на органски производители „Биовита“ од Кавадарци, со учество на уметници од истиот град.

Што од предвиденото успеавте да реализирате со оглед на актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот лани, но и годинава?
– Покрај актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот лани и намалените буџетски средства, ги реализиравме сите предвидени проектни активности, секако по ревидирање на буџетот од причина што добивме мала сума во однос на побараната. Концепциски првичниот нацрт претрпи промени. Своето присуство го откажа една умeтница од Италија, која беше предвидена за обука за изработката на сапунот и за предавање на тема за биоуметност. Го изоставивме присуството и на стручни лица од земјава за теми што се поврзани со здрав живот, со тоа што значи органското производство и неговата важност при заштита на природата. Променивме и некои други, не помалку значајни активности. Жал ми е што имавме мал буџет и не купивме гума, силикон, за да извадиме калапи од скулптурите, така што тие се сега едни и единствени. Ентузијазмот ја имаше главната улога во проектот со тоа што дел од активностите ги реализиравме волонтерски и тимски со членките на здружението „Биовита“ и со уметници од Кавадарци, како целна група на проектот. Изработените скулптури минијатури ги претставивме во мал каталог, а со оглед на ситуацијата со ковид-19, нема причина да не сме задоволни од постигнатите резултати, затоа што тие постојат и се видливи.

Што имавте можност да осознаете и да научите како уметници при изработката на скулптурите од сапун со користење сув цвет од лаванда и друг вид растенија?
– Прво го осознавме процесот на правење сапун т.е. „сапунификацијата“ на стар традиционален начин, но и современиот начин на изработка на сапун. За лавандата и нејзините благопријатни особини, својства и намена имав читано претходно, за нејзиниот мирис што влијае смирувачки. Оттаму тргна идејата, природното, здравото, традиционалното, вклучувајќи ги и навиките за лична хигиена да ги споиме со уметноста преку создавање скулптури од сапун со сув цвет и етерично масло од лаванда. Добивме производи со своја специфичност, почнувајќи од тоа што содржат, кој ги изработил, за кого се наменети и полезноста од нив. При процесот, кој траеше шест месеци на работилницата на висорамнината Витачево, имавме можност да се навративме на правењето бои од природни материјали, на експериментирање со нив, на боењето скулптури, разговаравме и учевме за биоуметноста, (ленд арт), за технологијата на материјалите. Не сите уметници што учествуваат во овој проект се вајари, така што разговаравме и за начинот на вајање и создавање една скулптура. Ја осознавме потребата на спој на уметникот од општеството со природата, спојување што резултира со нов производ, дизајн, со користење природни ресурси и основа за создавање бизнис. Разговаравме, дебатиравме и дојдовме до заклучок дека земјава изобилува со природни ресурси со кои преку инвентивноста на уметникот и слободата на изразување имаме услови за создавање дела што се примамливи за љубителите на овој вид уметност, па и на пошироката публика.

Колку скулптури содржи изложбата и на каков прием наиде таа кај публиката во Куманово, но и во Неготино и во Кавадарци каде што претходно беше презентирана?
– Во овој проект учествуваа седум уметници од Кавадарци: Горан Боев, Петар Петков, Трајче Јованов, Сара Милевска, Ристо Јосифовски-Ромбо, Ружица Јосифовска и Соња Самарџиева. Некои од нив направија по една скулптура, некои по две, а имаше и неуспешни обиди за дело. Сапун е, се кршеа делата за време на изработката, а мораше да бидат минијатури бидејќи немавме пари за поголемо количество, ниту да извадиме калапи. Изложбата се состои од десет дела и насекаде е изненадувачки прифатена. Не ни беше во план да одиме со неа во Неготино и во Куманово, тие нѐ поканија и со задоволство прифативме, дури и добивме уште една покана од Крива Паланка. Нѐ радува тоа. Присутната публика заинтересирано ги разгледува делата и поставува прашања. Оваа изложба зборува за денешните општествени и лични потреби и е спој на едукација, традиција и негување. Презентираните скулптури се различни, колку и уметниците.

Какви прашања најчесто поставуваат посетителите на изложбата кога ќе ги видат скулптурите?
– Имаше секакви прашања, а најчесто нѐ прашуваа дали може делата да се користат, дали навистина ние сме го правеле сапунот, зошто нема повеќе и поголеми скулптури, дали тие ќе бидат достапни на пазарот?

Во каталогот стои забележано дека проектот е реализиран со одобрен 10 отсто буџет од Министерството за култура. Како се снајдовте за другиот дел од потребните средства, ви помогна ли локалната власт можеби?
– За време на состаноците со здружението на органски производители „Биовита“ не разговаравме дали треба да се обратиме за дополнителни средства. Нашите промени во активностите и донесените одлуки беа поврзани единствено со искористување на сите расположливи ресурси и волонтерски дополнителни вложувања од наша страна, со намера да се реализира оваа примамлива активност.

Што претставува за вас како визуелна уметница заштитата на животната средина и на кој начин сметате дека уметниците треба да го дадат својот придонес во тој актуелен процес?
– Уметноста е широка област и биоуметноста, односно делата што во себе содржат природни материјали не им се разбирливи и прифатливи на сите. Сепак во овој проект работеа професионални уметници што имаат чувство, знаење за уметноста и почит кон природата. Јас лично се занимавам со ангажирана уметност, имам дела што зборуваат за црвеното небо во Кавадарци, за човековите права и слободи, за општествените ограничувања и наследените стереотипи. Сметам дека уметноста ја декорира средината каде и како живееме. На факултет учев конзервација и реставрација, имам познавање, но не и доволна едукација за тоа. Иако сум сликарка, за мене уметноста не е само масло на платно, природните материјали се насекаде, а сметам дека уметникот со своето творештво придонесува за симбиоза на човекот со природата.