Во топлите месеци, уметницата Симонида Филипова-Китановска слика на отворено, во дворот на семејната куќа во Скопје, а многу често во текот на годината го пренесува своето искуство преку работилници и демо-презентации во различни делови од светот. Деновиве нејзини дела се изложени на 6-то Меѓународно биенале на акварел во Белград

Симонида Филипова-Китановска, сликарка

Симонида Филипова-Китановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Од 1991 до 1997 година живееше и работеше во Бостон, САД, а членка е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1988 година. Нејзини дела се изложувани на повеќе од стотина групни изложби во Македонија, Хрватска, Србија, Франција, САД, Германија, Холандија Австралија, Романија, Ерменија, Грција, Португалија, Босна, Тајланд, Канада, Перу, Малезија, Индија, Италија и други земји. Има статус на слободен уметник, а активна е и како илустраторка на книжевни изданија и како инструкторка по цртање и по сликање. Добитничка е на повеќе награди: најдобра апстракција на Биеналето во Костарика, Сан Хоан; „Вангел Коџоман“ и „Димитар Пандилов“ – сликарство, мал формат; „Остен-уметник на годината“; гран при на Интернационалниот конкурс на акварел во Скопје и др.

Поканета бевте да учествувате на 6-то Меѓународно биенале на акварел во Белград, а во кафулето „Ли“ во Скопје деновиве може да се видат и ваши дела во големи формати: туш на платно, комбинирана техника… Со оглед на корона-кризата, ќе одите ли во Белград или, пак, ќе партиципирате виртуелно и со што?
– Белградското биенале го организира искусниот Пеѓа Аќимовиќ. Важно ми е да го споменам неговото име, бидејќи зад кулисата се неговиот огромен труд и професионалност. Ова е мој трет настап на оваа меѓународна манифестaција и годинава учествувам со две дела, но јас овој пат нема физички да присуствувам. Интересно е што ниеден меѓународен настан на кој требаше да учествувам годинава не беше откажан, туку реализиран виртуелно, и тоа мошне успешно.

Какви ви се досегашните искуства од учеството на колониите за акварел, на фестивалите во различни земји, каде што држевте и работилници, но и демо-презентации на својата акварелна техника? Лани бевте и во Бразил на пример, а во Индија на почетокот на годинава…
– Самото споменување на Бразил и Индија буди визии за егзотични убавини и, со еден збор, искуството е длабоко инспиративно. Но да ги споменам и местата што поради вирусот оваа пролет не ги посетив, најголемиот и најзначаен Интернационален фестивал посветен на акварелот во Фабријано, Италија, секогаш прекрасната Франција. Овие манифестации се по правило извонредно организирани, промовирани, привлекуваат публика и артисти од сите краишта на светот и се извонредна шанса за добивање прецизна слика за современото акварелно сликарство денес во светот. Секако, тука се и новите познанства, новите покани за изложби или фестивали. Темите на кои ја презентирам мојата техника сликајќи во живо и упатувајќи ги студентите и љубопитните уметници во сите фази на настанување на сликата, потоа коментирањето на нивната работа, се по правило инспиративни и за нив и за мене. Неретко овие средби се длабоко емотивни кога учесници на семинарот ми изјавуваат дека предавањето им го променило животот и им дало нова сила.

Одржувате ли и виртуелни демо-презентации, дали со нив може да се долови суштината на акварелната техника, на самите дела?
– Да, и навистина уживам додека ги работам овие презентации на мојата техника во живо на Интернет. Возбудливо е кога работиш нешто очигледно корисно што побудува љубопитност кај неколку илјади гледачи од различни краишта на светот, честопати во доцни или рани часови по нивното време (понекогаш и по мое!). Подоцна следуваат нивните коментари, кои често се објавуваат и за време на презентацијата, од кои јасно се чувствуваат нивната возбуда, благодарност, интерес. Овие настапи секогаш се извонредно организирани од организатори со искуство, со длабоко познавање на едукативниот карактер на уметноста и, секако, поддржани од компетентен технички тим задолжен за реализација на целиот настан. Подготовките и објавувањето на настапот се вршат неколку месеци однапред.

Сликавте на отворено и претходно, а и во изминатите топли месеци во дворот на семејната куќа. Важна ли ви е многу природната светлина кога се борите со водата, со бојата, со времето на создавање нови дела?
– Природната светлина не е пресудна, но е пријатна, прецизна и е сопатник на сликањето на отворено. Поседува променливост што ја нема при електричното осветлување, односно постојано се менува. Оваа динамичност често е присутна дури и на брзопотезните акварели и платна. Сонцето го менува својот агол, лисјата незабележително се отвориле и прават поинаква сенка, ветрот те тера да го поместиш штафелајот за два прста.

И во вашите акварели се присутни мотиви од природата: птици, цвеќиња, меѓу другото и мотиви од Охридско Езеро. Како гледате на природата од позиција на уметница што живее во родното Скопје, кое, за жал, нема добра заштита на животната средина?
– Мојата перцепција, секако, би била поинаква да ја немам среќата да живеам во куќа со прекрасен двор, кој е мешавина од џунгла и зоолошка градина, во кој работите постојано ги менуваат својата форма и боја. Сметам дека природата е неспоредливо посилна и позначајна од каква и да е манифестација на бескрајноста на човековата глупост, вклучувајќи ги и лошото урбано планирање, загадувањето.

Задоволна ли сте, пак, од начинот на кој државата се грижи за вас, со статусот на слободен уметник што го имате?
– Добрите луѓе од Министерството за култура се грижат тоа да ја врши својата функција, јас се грижам за уметноста, и симбиозата добро ни оди. Немам никакви забелешки на односот на државата кон мене како слободен уметник. Но како граѓанин на оваа земја, должност ми е постојано да го критикувам системот, оти само така се оди напред. Па, така, некои работи од техничка страна би можело да се подобрат, а тоа веројатно би можеле да го реализираат законодавните институции во соработка со Друштвото на ликовните уметници на Македонија или кои било други невладини организации. Имено, зошто воопшто се плаќа царина на професионални основни сликарски материјали, кои и онака не се произведуваат кај нас, а во продавниците ги нема, бидејќи кога ќе им се накалемат сите царини и данокот на додадена вредност тие стануваат прескапи за клиентите. Зошто сѐ уште се плеткаме со ата карнети и печати дека делата не ни се национално богатство додека ја претставуваме земјата во странство на најдобар можен начин?