„Три дена култура“ се одржува онлајн

Организацијата на средношколците при СУГС ,,Никола Карев“, „Арт хаус Карев“, oваа година првпат го реализира средношколскиот фестивал ,,Три дена култура“ на социјалните мрежи насловен ,,Три дена култура од дома“. Фестивалот се реализира третпат и стана обележје на средношколската креативност и уметност. Сите замислени активности се реализираат на Инстаграм и на Фејсбук, од вчера до 23 април. Вчера се одржа проекција на кратки аматерски средношколски филмови, а потоа и интервју со Атанас Георгиев, продуцент и монтажер на ,,Медена земја“.

Денешниот ден е посветен на физичкиот театар, со интервју со Валентино Апостоловски, добитник на наградата ,,златна пеперутка“ за најдобар кореограф на меѓународниот натпревар „Танцлаб“ и со Ивана Балабанова, основачка на „Битрикс“. Ќе има и проекција на нивни преформанси. Третиот ден ќе биде исполнет со музичка програма од бендови и со солисти. Исто така, ќе има и онлјан-концерт во живо од поранешен средношколски бенд. Специјални гости се членовите на „Ласт експедишн“, кои имаат издадено 4 албуми и се активни од 1985 г. до ден денес. Сите три дена ќе се постираат фотографии и цртежи од средношколски уметници, а сите активности се во согласност со насоките од Владата и од СЗО.