Никола Тесла рече дека постои едно јадро од кое ние добиваме инспирација, знаење и сила и, иако не продрел во тајната на јадрото, тој знае дека постои. Но за да ја црпиме таа моќ, мора да се ослободиме од стравот што парализира

Идејата не е луѓето да ги насочуваме, хистерично да ги одвлекуваме да се променат како што ние сакаме, во овој момент. За која било акција што некој човек ја презема а ние мислиме дека е ужасна, во неговиот вредносен систем ќе најдеме илјада причини со кои тој може да ја оправда. Замката не е да се бориме против оние што не мислат исто како нас, туку ние во овој момент да го правиме она што го знаеме најдобро. Така се прави критична маса за одење во повисоката свесност. Единствено на што треба да внимаваме во овие услови е сопствената вибрација, затоа што крајната манифестација е скриена и ќе се појави на светлото на денот точно на оној начин како што вибрираме во моментот.

Информациите од т.н. блек адвертајзинг – дека во светот се води крвава битка, економијата се крши и ние пропаѓаме, не се ништо друго туку начин да нѐ вратат во страв, изгубеност, неслобода и ропство, каде што ќе се задоволиме со малку, како што беше кратењето на платите на најкршливиот дел од населението. И економијата да се скрши, во истиот момент ќе се родат најмалку еден милион нови идеи како да се повратиме. Клучното прашање е строго индивидуалистичко, како да излезам како победник од овој кошмар. Денес секој може да сними видео и да го стави на социјалните мрежи. Дали ние ги знаеме мотивите зошто некој го пишува тоа, можеби е добро мотивиран, можеби профитира, можеби има свои лични фрустрации.

Многу е важно сега да не потклекнеме на сите овие предизвици, туку да одговориме со самодоверба. Самодовербата не е дека јас однапред треба да ги знам сите одговори, туку тоа е состојба, едно длабоко внатрешно спознание, дека што и да дојде во мојот живот, јас ќе успеам да се справам. Тоа е мудроста и цврстата вера дека на крајот од денот ќе се изборам со секоја ситуација. Мораме да сфатиме и дека животот не ни го донесе ова случајно. Сега е најважно во овој единствен историски момент да направиме трансфер на глобално негативната енергија во позитивна.

Сега е најважно со нашиот свесен фокус да се насочиме само кон она што го посакуваме да дојде во нашата реалност. Сега е најважно да сфатиме дека кога слушаме некоја лоша вест на медиумите, како на пример онаа на Си-ен-ен каде што постојано оди анимиран филм како умираме од ковид-19, да не ја ставаме во нашата реалност. Сега треба да се запрашаме кои се моите таленти, која е мојата страст, што работам јас најдобро, па на тој начин можам да му помогнам на некој друг човек или на повеќе луѓе.

Никола Тесла рече дека постои едно јадро од кое ние добиваме инспирација, знаење и сила и, иако не продрел во тајната на јадрото, тој знае дека постои. Но за да ја црпиме таа моќ, мора да се ослободиме од стравот што парализира. Сега мора да ѝ се вратиме на радоста, да го исчистиме умот, свеста, но и потсвеста од негативните информации. Да ја следиме својата страст, да ги употребиме сите наши таленти во креацијата на она што го знаеме најдобро.

Проф. д-р Мимоза Рајл