Во Велика Британија појавата на еден индивидуалец ја промени играта, а тоа беше кој друг ако не Чарлс Сачи. Благодарение на него уметниците започнаа да заработуваат огромни суми пари, добивајќи статус на славни личности

Приказната за успехот на Чарлс Сачи

Глобалниот пејзаж на 1980 години беше обележан со донесување одлуки на двајца значајни лидери, американскиот претседател Роналд Реган и британската премиерка Маргарет Тачер. Имплементацијата на неолиберализмот во двете земји резултира со сталешкo отстапување и незадоволство на општеството. Наспроти тоа, пазарните иницијативи цветаа, а таков беше случајот и со пазарот на уметнички дела. Во Велика Британија појавата на еден индивидуалец ја промени играта, а тоа беше кој друг ако не Чарлс Сачи. Благодарение на него, уметниците започнаа за заработуваат огромни суми пари, добивајќи статус на славни личности.
Овој успешен светски магнат на рекламирањето ја присили новата генерација уметници да исчекорат од ограничувањето на традиционалните начини на претставување. Групата едноставно е наречена „Млади британски уметници“, а во таа група беа имиња како Трејси Емин и Дамиен Хирст, кои денес се едни од најбогатите современи уметници на светот.

Со текот на годините, Сачи стана водечки спонзор на уметноста, добротвор и, што е најважно, личност што стои зад познатата галерија и колекција што опфаќа голем број важни уметнички дела од 1960 година па натаму.
Иако секогаш е под будното око на јавноста, познат е како исклучително мистериозен човек, кој одбива интервјуа или ги дава ретко под одредени услови. Сепак, неговите активности ја обележаа историјата на уметноста во последните 40 години и сѐ уште доминираат во моменталните уметнички тенденции.

Приказната за успехот на Чарлс Сачи

Чарлс Сачи е Евреин со ирачко-британско потекло. Со семејството во 1947 година се доселил во Лондон. Неговиот татко, кој бил успешен трговец со текстил, купил две фабрики за текстил во северен Лондон и многу брзо изградил успешен бизнис. Интересно, но презимето Сачи всушност влече корен од Турција и во превод значи часовничар. За време на неговите студии на колеџот „Христ“, Чарлс бил воодушевен од американската поп-култура, особено од рокенрол-музиката и од сликите на Џексон Полок. Во 1965 година започнал да работи како автор на рекламни материјали и пиар-текстови за агенцијата „Бентон и Боулс“, а кратко време потоа се здружил со уметничкиот директор Рос Крамер со кој работел во различни агенции.

Веќе во 1967 година ја отвораат својата креативно-консултантска агенција „Крамер Сачи“. Конечно, три години подоцна, Чарлс со брат му Морис ја основа својата рекламна агенција „Сачи енд Сачи“. Работата добро им одеше, така што до 1986 година станаа една од најголемите агенции на светот, со над 600 франшизи. Меѓу нивните најуспешни кампањи во Велика Британија беше и кампањата за победа на општите избори на Конзервативната партија, која во 1979 година ја водеше споменатата Маргарет Тачер. Покрај величествениот менаџмент и големите достигнувања, браќата Сачи ја напуштија агенцијата и ја основаа конкурентската агенција „ЕМ енд ЕС Сачи“. Се разбира, поголемиот број од вработените преминаа во новата агенција, како и значаен број клиенти, меѓу кои и „Бритиш ервејс“.

Заштитник на уметноста

Во 1969 година, Чарлс Сачи го купил првото уметничко дело „Сол ле Вита“, на прославениот уметник на минимализмот. Исто така ја поддржувал галеријата „Лисон“ во Лондон, која била специјализирана за американскиот минимализам, и на тој начин подоцна ги купил сите дела од изложбата на Роберт Менголд. Дури во раните 1980-ти години, овој маг на рекламирањето одлучува да инвестира во свој сопствен простор за изложби, па купил магацин, кој во целост го реконструирал и реновирал архитектот Макс Гордон. Галеријата „Сачи“ започнала со работа во 1985 година.

Демијан Хирст

Во галеријата се прикажани уметнички дела што ги собрал Сачи: 27 дела на Џулиан Шнабел; 23 дела на Анселм Кифер; 21 дело на Сол Левит; 17 дела на Енди Ворхол и 11 дела на Доналд Џуд. Неколку години подоцна, Сачи, сега веќе лидер во овој свет, ги забележал младите и талентирани бунтовници, студентите од уметничката школа „Голдсмит“, и одлучил да ја прошири својата колекција на американска апстракција и минимализам, поддржувајќи и собирајќи нови дела што често се разликувале од категоризацијата, како Хирстовата инсталација „Илјада години“. Во суштина, по купувањето неколку дела на Хирст и на Марк Квин, Сачи стана промотер на нивната работа.
Целосната сила на неговото влијание го привлече вниманието на јавноста по оригиналната турнеја на изложби под наслов „Сензација“, која опфатила неколку дела од неговата колекција и првобитно била прикажана во 1997 година на Кралската акaдемијата за уметност во Лондон. Изложбата предизвика големи контроверзии поради некои дела, како огромната слика на Маркус Харви на која е Мајра Хиндли.

Културното наследство и сегашноста на Чарлс Сачи

Очигледно е дека Чарлс Сачи одигра значајна улога во развојот на современата уметност во Велика Британија. Дури основа и независна еврејска синагога. Во 1998 година ѝ донира 130 уметнички дела на аукција на „Кристи“, овозможувајќи школарини за четири лондонски школи на уметноста. Во намера да ја прошири и потврди својата улога на најплодоносен британски заштитник на уметноста, Сачи во 1999 година на Уметничкиот совет на Велика Британија му поклонил 100 уметнички дела од својата колекција.
„Моето име е Чарлс Сачи и јас сум зависник од уметнички дела“ е насловот на книгата објавена во 2009 година што ги содржи одговорите на Сачи на голем број прашања поставени од страна на новинарите и на јавноста воопшто.

Таа иста година, Сачи почнал низа реални програми на Би-би-си под наслов „Школата на Сачи“ во која учествувале млади уметници на кои им е дадена можност да ја претстават својата работа. Покрај моменталните активности и потребата неговите дела јавно да се претстават, Чарлс Сачи функционираше од сенка. Иако многу учени луѓе водеа дебати за неговото влијание низ призмата на моќ, носење одлуки и диктаторство, медиумите тежнееја кон откривање на Сачи како личност од некоја лична перспектива, земајќи го за пример неговиот последен брак со прославената британска новинарка, авторка и готвачка, Најџела Лосон.
Кој и да е Чарлс Сачи, факт е дека неговите постапки ги размрдаа уметничките кругови до срцевината, не само во локален туку и во глобален контекст. Во 2014 година, галеријата „Сачи“ стигна на листата на најпосетуваните уметнички институции на светот, а некои од најпознатите уметнички дела во 1990-тите години се создадени благодарение на неговата поддршка, така што не е чудно што неговото име стана синоним за модерен заштитник на уметноста.