Библиотеката дизајнирана од Кенго Кума со архивата на Мураками се отвора следниот месец, на кампусот на универзитетот „Васеда“, а сега може да се посети преку интернет. Дизајнирана од јапонскиот архитект Кенго Кума, библиотеката посветена на славниот писател Харуки Мураками, официјално наречена „Меѓународна куќа на литература Васеда“, е посветена на делото на прославениот романсиер и може да се пофали со 3.000 негови книги преведени на 50 различни јазици, заедно со архива од материјали што се лично донирани од Мураками. Објектот се наоѓа на главниот кампус на универзитетот „Васеда“, каде што Мураками студирал театар во младоста.
– Јас сум романсиер околу 40 години, а во тоа време акумулирав повеќе материјали отколку што можам да управувам. Подарувањето на овие ракописи и личната колекција од 20.000 винил-плочи ми се наметна природно, бидејќи немам деца што би ги наследиле – вели писателот.
Објектот располага со кафуле што го водат студенти и служи вообичаена мешавина на кафе што одговара на вкусовите на Мураками, а има и аудиопросторија, каде што луѓето можат да слушаат записи од неговата лична колекција. До аудиопросторијата е и галеријата, каде што се наоѓаат приближно 1.400 копии од книгите на Мураками напишани помеѓу 1979 и 2021 година.
Кафулето „Портокалова мачка“ е именувано по првиот бизнис-потфат на Мураками, „Питер Кет“ – кафуле и џез-бар што Мураками го водел пред да стане писател со полно работно време.
Кога ја дизајнирал библиотеката, Кума замислил живо место каде што секој, вклучувајќи го и самиот Мураками, може да оди да разговара за делата и за иднината на литературата на кафе, наместо формален простор со придушени тонови. Кума изградил и заоблена дрвена полица за книги покрај кафулето „Портокалова мачка“, каде што луѓето можат да седат на скалите додека ги разгледуваат изложените наслови. На истиот кат може да се види реплика на сегашното студио на Мураками, каде што тој го поминува поголемиот дел од времето пишувајќи. На вториот кат, пак, има лабораторија, галерија и изложбен простор со инсталации курирани од „Меѓународната куќа за литература Васеда“.