Постои тивка генерација фоторепортерки што честопати се занемарувани. Нивните дела никогаш не биле дигитализирани и сега седат во подрумите на новински, магазински и фотоагенции, закопани во архиви до кои не може да се пристапи

Десет жени пионери на фотоновинарството

Како и во многу други области, и фотоновинарството, традиционално, било поле во кое доминирал машкиот пол. Но низ историјата жените, сепак, успешно оставија белег низ индустријата. Јунги Ким е една од нив и сака да се погрижи нејзините колешки да го добијат признанието што го заслужуваат. Особено оние што ја почнаа својата кариера во ерата на аналогната фотографија.
– Тие биле храбри. Биле бестрашни! Тие ни го отворија патот низ морето од мажи – вели таа.

Ким вели дека постои тивка генерација фоторепортерки што честопати се занемарувани. Можеби нивните дела никогаш не биле дигитализирани и сега седат во подрумите на новински, магазински и фотоагенции, закопани во архиви до кои не може да се пристапи. Затоа Ким реши самата да стори нешто за тоа. Таа отвори веб-страница, „Трејлејзерс оф лајт“, во чест на овие жени пионери на фотоновинарството. На оваа страница се наведени повеќе од 500 фоторепортерки, а листата се навраќа дури и до крајот на 19 век. Овие жени известувале од целиот свет, честопати од воени зони и од други опасни места.
– Важно е овие жени и нивните придонеси да не бидат заборавени. Ова требаше да се стори. Постоеше одредено чувство на должност кон овие жени – порачува Ким.
Во продолжение е листа на десетте жени пионери во фотоновинарството.

1. Дики Чапел била воена дописничка. Патувала низ целиот свет покривајќи разни конфликти. За време на Втората светска војна, таа станала дел од Американската морнарица во текот на битката со Иво Џима. Ја покривала и битката кај Окинава, како и Виетнамската војна во 1965 година, кога била убиена од нагазна мина. Таа е првата американска жена дописник убиена во акција.

2. Линзи Адарио ги покривала конфликтите и хуманитарните кризи во многу земји, вклучувајќи ги Авганистан, Ирак, Либија, Сирија и Сомалија. Нејзината работа во Авганистан придонесе за Пулицеровата награда што „Њујорк тајмс“ ја освои во 2009 година за меѓународно известување. Адарио била киднапирана двапати додека работела во воени зони. Нејзината книга „Тоа е она што го правам“ стана бестселер на „Њујорк тајмс“.

3. Француската воена дописничка Изабел Елсен ја покриваше Заливската војна. Таа исто така покриваше и голем број конфликти во другите делови на светот. Книга за нејзините искуства беше адаптирана во филмот „Цветовите на Харисон“, поставен во воена Југославија.

4. Хомаи Вјаравала е првата жена фоторепортер во Индија. Нејзините фотографии ја документираат нејзината земја, особено нејзината борба за независност, од 1930-тите до 1970-тите години. Додека работела со британските информативни услуги, таа фотографирала голем број индиски лидери, како и достоинственици што доаѓале во посета. Многу од нејзините фотографии беа објавени под псевдонимот Далда 13. Подоцна во животот ѝ беше доделена „Падма Вибхушан“, втора највисока цивилна награда во Индија.

5. Шарлот Брукс била единствената фоторепортерка во „Лук“, американско списание што објавуваше приказни од општ интерес од 1937 до 1971 година. Во време кога многу жени новинарки беа ограничени да известуваат за „помеки“ вести, Брукс ги покриваше истите прашања што ги покриваа нејзините колеги мажи, вклучувајќи ги и политиката и расните прашања.

6. Стефани Синклер опфаќа прашања за човековите права низ светот. Нејзината фотосерија за брак со деца ја инспирира да ја започне непрофитната организација „Премлади за брак“, која има цел да ги охрабри девојчињата и да му стави крај на бракот со децата насекаде во светот.

7. Џоан Е. Бирен ја документира ЛГБТК-заедницата со децении. – Почнав да фотографирам во време кога беше речиси невозможно да најдам автентични слики на лезбејки. Сакав да бидат видени моите фотографии. Верував дека тие може да помогнат да се изгради движење за наше ослободување – изјави таа за „Њујорк тајмс“ минатата година.

8. Маргарет Бурк-Вајт била првата фоторепортерка на списанието „Форчн“, а во текот на нејзината кариера, Бурк-Вајт стана „прва“ и во многу други области. Таа беше првата жена што беше ангажирана како фоторепортер за списанието „Лајф“. Таа беше првиот професионален фотограф од Западот чиј влез во Советскиот Сојуз бил дозволен. И беше првата жена репортер со ингеренции за известување од воени зони за време на Втората светска војна.

9. Рут Фремсон, вработена фотографка во „Њујорк тајмс“, работи во Пакистан и има опфатено голем број меѓународни вести за време на својата кариера, вклучувајќи ги војната во Ирак и втората интифада на Блискиот Исток. Таа, исто така, ги опфати нападите на 11 септември и нивните последици во Пакистан и во Авганистан. Таа има добиено две награди „Пулицер“ и сега е со седиште во Сиетл, каде што го опфаќа северозападниот дел на Пацификот, како и националните приказни.

10. Ања Нидрингаус беше германска фоторепортерка што работеше за „Асошиејтед прес“. Таа беше убиена во 2014 година, додека ги покриваше претседателските избори во Авганистан. Претходно, Нидрингаус известувала од многу конфликтни зони и минала една деценија покривајќи ги војните во поранешна Југославија. Сантијаго Лион, кој беше потпретседател на „Асошиејтед прес“ и директор на фотографија, рече дека Нидрингаус „постојано се пријавувала доброволно за најтешките задачи и дека била особено упорна во нивното извршувањето.“