Териерката Маза и Џоле мајмунот (3)

Неволно, со притворна насмевка, се упатувам кон салонот, каде што г-ѓа Ј., со лупа во раката, ме дочекува во елегантната стилска фотелја од фини изрезбарени рабови на потпирачите и криви, но стабилни ногалки. Над таа заоблена фотелја се исправа торзото на г-ѓа Ј. Кога престојував во куќата на Сењак, таа сигурно имаше повеќе од седумдесет години, во секој случај беше постара од тета Лепа, но, за разлика од ситната забрадена жена, која и покрај својот громок глас веќе се беше подгрбавела, ставот, а и фигурата на г-ѓа Ј. по својата складност и стегнатост личеше на значително помлада жена. Е сега, замислете дека на таа очувана младолика става е насадена една сериозна, седокоса, остроока глава, со малечок балтички нос, но и цврсто стегнати усни, и ќе ја добиете мојата тогашна газдарица.
Тоа лице стануваше уште построго во мигот кога ќе ме погледнеше низ лупата. Тогаш погледот ѝ добиваше некоја инсектоидна, марсовска концентрираност, впечаток што можеби доаѓаше оттаму што пред неа, на масата, беа распослани листови со уредно наредени и прицврстени (со шпенадли?) пеперутки. Голема колекција на уловени, којзнае кога, инсекти, чии безживотни распнати тела беа дел од своевидната полноќна инспекција на г-ѓа Ј.!
Во она време сѐ уште не ја бев прочитал „Лолита“, ниту можев да знам дека нејзиниот автор бил страстен лепидоптерист. За право, не ни знаев што е тоа „лепидоптерист“! Но пред Набоков, на г-ѓа Ј. и нејзината збирка мумифицирани пеперутки, веднаш ме потсети есејот „Талкања според Ивлин“ на Вирџинија Вулф во џебното, но дебело издание што го донесов од Скопје и го препрочитував во белградската бруцошка година. Предмет на есејот е чудникавиот господин Џон Ивлин, современик на Кромвел (и на китот што е виден во Темза како своевидно претскажување на смртта на диктаторот), кој во текот на целиот свој долг живот уредно водел дневник.

Во еден пасус, г. Ивлин и г-ѓа Ј. многу ми личеа: „… пеперутката неподвижно ќе седи врз георгината, додека градинарот ја турка покрај неа својата количка; но нека само преку пеперугините крилца затрепери сенката на греблото – ене ја како лета, како веднаш и итро се подигнува во височината. На што би помислиле ние: пеперутката гледа, но не слуша; и по тоа сме рамни на Ивлин. Но на ниедна нормална личност во дваесеттиот век не би ѝ паднало на памет, ни за една секунда, да замине дома по нож и со него да ја оперира главата на црвената пеперутка, како што тоа го прави Ивлин“. Умната Вирџинија, кога би ги доживеала сите идни стравотии на дваесеттиот век, предизвикани од човечкиот фактор, сигурно не би го имала истото мислење, но кога на мансардата на куќата на Сењак ја прочитав оваа нејзина забелешка во есејот за Ивлин, веднаш пред очи ми излезе мојата газдарица како со лупа и пинцета ја подготвува за мумифицирање штотуку фатената пеперутка, која сѐ уште беспомошно претка со крилцата.
– Пријдете, Александрр, седнете – ќе ми наредеше г-ѓа Ј. Во колекцијата имаше стотици примероци, со печатно напишани латински називи под нив, што нормално ги подзаборавив, иако на некои од нив, поради нивното женствено, необично именување, делумно сѐ уште се сеќавам.

На пример, на Теодота, вид што беше „претставен“ со помал машки и поголем и поубав женски примерок, како впрочем кај сите видови пеперуги. Машката Теодота имаше боја на стара фасада, со истобојни шарки, како кафена тула избледена од сонце, кај женката, пак, обратно, боите беа како на акварел и само една назнака, портокаловата на краевите на крилцата, навестуваше дека се од ист род. Кај друга двојка чие име го паметам, Монина, мажјакот исто така беше помалечок и со скромна, мимикриска окер боја, додека женката, наспроти својот незабележлив партнер, носеше раскошен дезен со бела основа и жолти и црни точки. Се сеќавам и на една голема пеперутка, Лубентина, која немаше свој парник, со свечено сина основа, изненадувачки комбинирана со црно и црвено.