Териерката Маза и Џоле мајмунот (1 )

Оваа приказна во својот замрсен, смешен заплет е врзана и за Моне, мојот цимер од белградските бруцошки денови. Моне ме дочека во мансардата на Сењак, во предвоена куќа што сега им припаѓаше на г-ѓа Ј. и тета Лепа. Гласот на тета Лепа беше од оние пробивно чујните, што, во недостиг од петловото кукуригање, го најавува утрото низ целата куќа и поблиската околина. И ден-денес, по половина век, можам да го чујам нејзиниот крескав глас како се шири низ ѕидовите и, преку полуотворените прозорци, истрчува и се испентрува по стрмнината на улицата.
Тета Лепа во домот на семејството Ј. беше доведена по војната од некое сремско село да „ѝ се најде“на припомош на сопругата на тогашниот министер за здравство, другарот Ј. Во нејзиното родно село имало три цркви, православна, католичка и протестантска, и швапски куќи со широк влез да поминат коњи со запрега, кажуваше таа. За разлика од градот во кој беше преселена, селото многу побавно се менуваше. Куќите останаа исти како пред војната, само што на местото на старите жители, Швабите, дојдоа нови, Босанци. Понекогаш тета Лепа потпевнуваше еден весел рефрен од детството: „Шпиц, Маер, Шпигелмаер, и Најмаер, Могош, Могош“, нагласувајќи го „Могош, Могош!“. Тој рефрен, помислував, можеби носеше презимиња на вистински луѓе. Сите тие беа наши Шваби, ќе се надоврзеше тета Лепа, уште од времето на Марија Терезија. Некои од нив, како фолксдојчери, завршиле пред стрелбата на партизанскиот вод, многу побегнаа во својата татковина, Германија, а преку лето, полускришно, како туристи пензионери, се враќаа во селото за да си ги видат куќите сега населени од многудетни семејства, „симнати од планина“.

Освен презимињата на жителите на селото, во сеќавањата од детството на тета Лепа важно место имаа овошките. Надолго и нашироко зборуваше за дивите скоруши покрај припитомените круши караманки, за малите модри сливи и, наспроти нив, за поголемите жолти јајачи, за грозјето бело афусали, за црвеното хамбург, за јаболката петровки, за белите дудинки… се добиваше впечаток дека таа живеела во некој огромен овоштарник, каде што постојано цутело и се раѓале плодови што понекогаш се негувале и варделе, но секогаш се јаделе.
Можеби тета Лепа толку сакаше да зборува за овошките на своето родно село зашто нејзиното второ живеалиште, во кое беше донесена, беше токму Сењак. Како што му кажува името, во таа белградска населба двокатните куќи беа опкружени со големи градини со големи дрвја. Што на овие предвоени куќи им даваше некоја ненаметлива отменост, спокој и заштита од надворешниот свет. Врз прозорецот на нашата студентска мансарда налегнуваа горните гранки на големата вишна, што напролет, кога ќе ги отворевме прозорците, буквално влегуваа внатре, во собата, накитени со ситни, бели цутови.
Потеклото на г-ѓа Ј., за разлика од она на тета Лепа, доаѓаше од сосем друг амбиент.