Нада Поп-Јорданова, академик, професорка, авторка

Нада Поп-Јорданова е македонска научничка и професорка од областа на медицината, психологијата, психосоматиката и членка на МАНУ. Објавила над 400 научни трудови, а на повеќето од трудовите таа е единствен или прв автор. Авторка е на неколку книги, меѓу кои и „Театарот и актерите од сосема друг агол“. Поголемиот број од трудовите се објавени во меѓународни научни списанија. Научноистражувачката активност на акад. Поп-Јорданова се состои во реализирањето на 16 меѓународни и шест домашни проекти, како и со учество како член на работни групи во повеќе меѓународни проекти.
Членка е на следните странски академии: Њујоршката академија на науките, САД (1997), Светската академија за уметност и наука, САД (2006), и Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (2012).

Како настана книгата „Театарот и актерите од сосема друг агол“?
– Голем љубител сум на секоја уметност, како израз на човечката креативност. Ова се однесува на музиката, книжевноста, сликарството, па и на театарот. Како личност и професионалец сигурна сум дека емоциите се најбитната ментална функција кај човековиот род и дека без нив не сме луѓе. Во таа насока, а врз основа на моите досегашни искуства стекнати како лекар, психолог и особено научник, чија основна истражувачка насока е невронауката, сакав свесно да ги преточам во пишани дела моите согледувања за поврзаноста на емоциите и креативноста, искажана токму во овие полиња. Така се создадени моите книги „Емоциите и музиката“, „Поезијата во медицината“, оваа книга за „Театарот и актерите“ и последната, која е во тек на издавачка процедура посветена на „Медицината во сликарството“. Од друга страна, од рани години редовно ги следам театарските случувања во нашата земја, преку интернет, или кога сум некаде надвор од земјата. Со еден збор, љубител сум на театарот како посебен или специфичен уметнички израз.
Од каков агол ги прикажувате театарската сцена и актерската уметност?
– Сѐ што е напишано во оваа книга е базирано на научни истражувања објавени во врвни медицински и психолошки списанија што можат да се најдат во големите бази на податоци. Накратко, како психологијата и невронауката ги толкуваат активностите поврзани за театарската уметност и нејзините учесници. Тоа во науката се означува како метаанализа. Значи, првиот дел од книгата е напишан врз основа на таква анализа на објавени научни податоци за ова креативно поле. Во вториот дел од книгата се прикажани сопствени наоди базирани на истражување на профилот на личност и ставовите на нашите современи македонски актери. Токму овој дел од книгата за мене е од особена важност, а се надевам и за сите оние што ќе ја читаат.
Глумата е енергија, во театарот луѓето доаѓаат да ја почувствуваат таа енергија. Каква енергија ви вдахнува вам театарот?
– Токму така. Луѓето одат на претстави и плаќаат за тоа за да ја почувствуваат творечката енергија на актерите преточена низ нивната игра, да ги разберат и толкуваат од свој аспект пораките што авторот на делото ни ги испраќа директно или преку метафора, да почувствува емпатија кон сите луѓе што ја прават претставата и тоа да го споредат со своите сопствени искуства стекнати во текот на животот. Конечно, одат за да се релаксираат, да уживаат, многупати да се насмеат и да доживеат нешто ново, како што вие велите – некоја друга енергија што допира до нив однадвор.

Какви светови открива „Театарот и актерите од сосема друг агол“?
– Театарот е поврзан со животот на луѓето, тој произлегува од животот. Со други зборови, за да се создаде претстава, неопходно е да се разбере и навлезе во имагинарниот свет претставен од авторот на делото, но реализиран низ еден креативен процес наречен глума, режија, сценографија… Така, низ тој свет претставен метафорички создаваме наши лични импресии, добиваме поуки, создаваме критика за доброто/лошото, ги будиме сопствените емоции! Токму затоа и театарот го сакаат и го почитуваат само луѓе што имаат богати сопствени емоции и што ги доживуваат емоциите на другите луѓе, што во психологијата се означува како емпатија. Значи, за да се сака театарот, неопходно е едно емоционално богатство, кое е поврзано и со високи когнитивни функции. Токму врз основа на сите овие прерогативи може да се доживува театарската претстава. Тоа е она што сакав да им го објаснам на читателите и да ги поттикнам на една ваква поинаква размисла за театарот.
Отворате и одговорате повеќе прашања во книгата, меѓу кои што е тоа што ги мотивира луѓето да се занимаваат со театар и да стануваат актери?
– Да, уште во воведот на книгата го поставив, за мене, најпровокативното прашање: што е тоа што некоја личност ја мотивира да стане актер? За тоа да се школува да биде актер и од тоа да ја обезбедува сопствената егзистенција? Дали се тоа славата и парите поврзани со неа? Дали сопствената психолошка потреба да се биде препознаен, познат од другите, или сосема нешто друго. Исто така, поставив прашање и за самите карактеристики на личноста на еден актер? Дали тие како личности се поинакви од нас другите или поседуваат нешто специфично? Каква е нивната лична емоционалност, дали се нарцистични, дали имаат психопатолошки карактеристики? Затоа тргнав низ објаснување на самата креативност како концепт и како мотивирачка сила што би требало да е основа за избор на оваа професија, а потоа во анализа на објавени карактеристики на личност на познати/непознати актери или студенти по глума. Ако се следат страниците напишани во книгата, мислам дека ќе се добијат одговори на овие суптилни прашања.
Како и дали актерите ги потиснуваат сопствените психолошки карактеристики за да ја одиграат улогата успешно?
– Актерската игра е истовремено и креативна и интерпретативна. Со други зборови, врз основа на конкретен скрипт (пишан текст) актерот во соработка со режисерот интерпретира лик со одредени карактеристики и зависно од успешноста на оваа игра ние – публиката, или уште повеќе критиката, проценуваме колку е тој успешен. Имено, дали ликот што го гледаме на сцена одговара на оној напишан во текстот, дали има некоја своја оригиналност, дали тој лик се разликува од ист таков, а претставен од друг актер, колку неговиот лик плени, зрачи, колку одговара на реалноста и животот, со еден збор – колку тој успеал да се внесе и нас да нѐ внесе во одредената улога. Прашањата околу сето ова се особено битни ако на сцена актерот „произведува“ лик што воопшто не наликува на него самиот во приватниот живот. Значи, успешноста ја проценуваме спрема убедливоста на ликот што тој ни го претставува. Таа „трансформација“ во нешто друго е многу битна! Можеби затоа некои од најголемите светски актери изјавиле дека најтешко им било кога играле комични улоги, што воопшто не одговарало на нивната лична особина. Да спомнам само, дека многумина од најголемите комичари на сцената страдале од тешки депресии, а некои дури и завршиле со самоубиство, додека на сцената прикажувале ликови со сосема спротивни карактеристики. Сепак, процената на успешноста на еден актер е врз основа на дијапазонот на неговите улоги, или дали тој истиот може да глуми тага, радост, омраза, да нѐ засмејува, да ни провоцира наши сопствени емоции!? И повторно се враќаме на емоциите… Вредноста на актерот е во неговата можност да се ослободи од себеси и да пронајде нов начин на размислување што ќе ни го презентира низ својата игра. Поради сето тоа, основната порака што големиот Станиславски им ја давал на актерите била: „Сакај ја уметноста во себе, а не себеси во уметноста. Таа (уметноста) треба да е твојата водечка нитка. Театарот не постои за тебе, туку ти постоиш за театарот, тој бара жртвување“.
Театарот е глагол пред да биде именка, акт пред да биде место… Што е за вас театарот?
– Токму така, театарот е и глагол (активност) и именка со конкретно значење. По сѐ што истражив за оваа тема се уверив во својот личен став дека за мене театарот е еден начин на спознавање на самиот себе, на другите околу нас и на меѓусебните односи на човечките битија генерално. Тоа е вид уметност што преку зборот нѐ наведува на подлабоко размислување за суштините на нашето постоење, за целите во животот, за она што е добро/зло, што нам како личности ни е блиско, а од што се срамиме, го презираме, го избегнуваме. Театарот има и силни социјални пораки и бил и сѐ уште е еден вид социјална рецензија. Особено кога се работи за децата во театарот, многу е битно што и на кој начин ќе им биде пренесено во едукативна и морално/етичка порака. Затоа, театарот има поширока димензија отколку предизвикување уживање, релаксација, социјално дружење.