Карлос Селдран

По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, пораки испратија светскиот театарски режисер и драмски автор Карлос Селдран и македонскиот драмски автор Југослав Петровски. Селдран, кој е автор на светската порака, вели дека театарската традиција е хоризонтална и никој не може да потврди дека театарот живее во кој било центар од светот, во кој било град или привилегирана зграда. Театарот, додава Селдран, се шири низ една невидлива географија.

– Кога сфатив дека театарот е држава сама за себе, голема територија што го покрива целиот свет, во мене се роди решителност што исто така беше и остварување на слободата: ти не мораш да одиш некаде далеку, ниту пак да се поместиш оттаму каде што си, не мораш ниту да трчаш, ниту пак да се придвижиш. Публиката е онаму каде што живееш ти. Ги имаш на своја страна колегите што ти се потребни. Таму, надвор од куќата, ја имаш целата таа матна, непробојна дневна реалност. Потоа, ти работиш од таа очигледна неподвижност за да го формираш најголемото патување воопшто, да ја повториш одисејата, патувањето на Аргонаутите; ти си неподвижен патник што не прекинува да ги забрзува густината и ригидноста на својот реален свет – истакнува Селдран во пораката.

Авторот на македонската порака оценува дека театарот сѐ уште не е мртов, но дека од ден на ден полека умира.

– Умира бидејќи недостига „петтиот елемент“, т.е. недостига катарзата. По разлистување на стотици книги, кои веќе сто пати ги имам разлистано, дојдов до два мошне битни заклучоци: прво, дека ако од театарот исчезне катарзата, театарот ќе умре, и второ, театарот, во секоја своја форма, жанр, сегмент, елемент, што и да е, мора да остане жив. А за да биде и остане жив – зависи исклучиво од катарза, од магичното, таинственото, волшебното што го содржи секоја вистинска антологиска драмска, односно театарска приказна – порачува Петровски во својата порака и додава:

„Светскиот ден на театарот се одбележува секоја година на 27 март кога пред изведување на претставите насекаде во светот се читаат светската и националната порака за значењето на театарот“.