Уште една тајландска карантинска приказна

Моето прво излегување. Два дена по првиот ковид-тест во четиринаесетдневниов тајландски карантин имаш право да ја напуштиш собата и да поминеш 45 минути некаде надвор од неа. И секој нареден ден потоа. Возбудена сум околу тоа. Се јавувам на рецепција да кажам од колку часот ќе го користам слободниот термин и прашувам каде би можела да одам. Знам дека хотелов нема многу ѕвездички, па можам да претпоставам каков е изборот, секако не очекувам да играм голф!
Ми нудат „рестинг ериа“, што би значело пак во соба со телевизор. Бев веќе таму 15 минути кога ми ја чистеа собата и едвај чекав да се вратам во мојот мал „рај“. Значи, тоа отпаѓа. Вториот избор е хотелското лоби, долу кај рецепцијата. Нема ништо ни таму, видов кога доаѓав. Уште помалку би знаела што да правам 45 минути во фотелјите на влезот. Сала за вежбање нема, прашав само онака, од љубопитност, инаку тие што ме знаат, знаат дека кревање тегови би било последното за што би се одлучила, тука па ич. Базен нема, а и да го има, тоа не го дозволуваат никаде затоа што се смета за небезбедно. Рецепционерката слабо, а згора на тоа и брзо, зборува англиски, се мачам да ја разберам, ама го фаќам зборчето „руфтоп“. Не очекувам којзнае каков луксуз, се разбира, ама очекувам свеж воздух. Нема повеќе дилема. Резервирам за 11.30 часот претпладне.

Процедурата иста, скафандерите те носат по ходниците, па во лифт, па уште некоја скала нагоре. Нема муабет, нормално, дури мислам и да сакаат да ти прозборат, имајќи предвид дека Тајланѓаните се многу пријатен и питом народ, немаат можност од двете маски на уста, најлонот преку нив и уште некоја пластична заштита врз сето тоа. Добро, веќе знам дека англискиот нема да имам можност да го освежам додека не излезам од карантинов, освен македонскиот, кој одлично го навежбав, зборувајќи бесконечно на Вибер, дури и со луѓе со кои и во Скопје ретко се слушам.
Како и да е, молкум се качуваме на „руфтопот“, не замислувајте одма бар со пијалаци, згодни келнери и музика. Ништо од тоа, ама сепак пријатен покрив со масички и пепеларници на нив, конечно цигара ко човек, нешто зеленило наоколу… Жешко е и влажно, не се дише. Веднаш помислувам дека не беше баш најпаметен периодов што го одбрав, точно напладне, ама ќе знам за наредниот пат, тамам ќе фатам и некоја ноќна фотографија од градов. Погледот одгоре е неверојатен, изгледа се наоѓам некаде во централниот дел на Бангкок, не се ни заинтересирав претходно да проверам кај сум, затоа што не ми правеше никаква разлика. Жешко е, ама има воздух, не сум под клима конечно, па провејува и млако ветре одвреме-навреме. Што повеќе од тоа? Човек во вакви ситуации сфаќа колку малку впрочем му е потребно да биде, ако не среќен, барем задоволен.

Има и други луѓе на покривот. Една индиска двојка со неколкумесечно бебе, оф, ги жалам, којзнае како им е ним во она собиче тројцата, со малоно слатко бебенце кога среде ноќ ќе завреска. Самата комбинација, хотелска соба и бебе, е апокалиптична, дури и во нормални услови. Сум го искусила толку повеќепати во некој, од оваа перспектива, подзаборавен живот. Шетаат напред-назад меѓу масите да се раздвижат. Јас веќе убаво сместена на една од масичките со претходно приготвеното кафе, за задоволството да биде целосно, како попарена станувам и почнувам да се движам. Ми текнува дека сме тука да ги протегнеме нозете, а не да се клапнеме на некој стол. Дури ме фаќа срам од сопствената мрзеливост, иако никому наоколу всушност не му е гајле што правам. На оние со бебено, па, ич. Уморни им се лицата, изгледаат онака како што изгледаат новопечени родители, само двојно поненаспано. Сепак, некако се спокојни. Им се одушевувам. Јас кукам што сум сама во собана, а можам во недоглед да се излежувам, да слушам музика, да читам, да спијам кога и колку сакам, без да ми пречи некој. Иако неколкупати се фатив како анализирам дали е подобро да бидеш сам во вакви услови или во двојка, на пример, не оти имам некој што би ме придружувал. Заклучив дека сам е подобра опција, замисли некој да ти ’рчи цела ноќ, а нема кај да бегаш, особено што се надеваш на подолг сон и пократок ден, се разбира. Да не зборувам за сите други „предности“ на таквата 24-часовна симбиоза.
Покрај ненаспанине Индијци, во малото „одбрано“ друштво (не смее да нѐ има премногу во исто време, затоа резервациите) е и едно младо момче. Мавта со рацете како да боксува. Почнуваме муабет, Швајцарче е (мојата несудена земја, визата за престој, сега веќе истечена, сѐ уште ми е во пасошот), има 18 години и е спортист, некој првак во борење, како што дознавам подоцна низ разговорот. Иако не ми е нешто многу до ширење познанства, ова дете ми доаѓа да го изгушкам, ме потсетува на син ми. Искулиран е, си играл игрици цело време.

Ми кажува и дека си излегува на тераса и со другар му, кој е сместен веднаш до него, си зборуваат преку ѕитчето. Се чудам, не е до толку исушен за да се протне низ онаа педана на прозорецот. Ми објаснува како има некоја мала пластика што спречува прозорецот целосно да се отвори, вели: „Земаш нож и ја отштрафуваш, пробај“. Од кај ми нож? „Може и со клуч или нешто слично“, упорен е да ми помогне. Немам ништо такво, а и веднаш се откажувам од идејата да се занимавам со хаусмајсторски, башка недозволени активности, и онака немам со кого да се дружам во собите до мојата. Може и да се празни, не сум чула ни шум. Отпосле си мислам, дури и еден Швајцарец, македонски поим за ред и дисциплина, се осмелил да ги прекрши правилата. Ама изгледа некои човечки особини, како што е потребата од социјална интеракација, на пример, се универзални и посилни од воспоставените правила и норми. Како и да е, тој продолжи да си боксува во празно по покривот…
По две-три идентични излегувања надвор, се менуваат само ликовите, освен Индијците, кои секогаш се таму (можеби ги пуштаат почесто заради бебето, иако не верувам дека има отстапувања од строго воспоставениот систем, поверојатно е дека се совпаѓаме со термините), возбудата за „руфтопон“ ми спласна. Ама сепак излегувам, не дека ми е многу интересно, ама глупаво би било, а и имам некоја чудна грижа на совест, да не си го искористам правото на воздух, кога веќе ми го даваат.
Другарка ми Вера (една од вкупно осумте, со повеќето се дружиме од деца, кои сме во вибер-групата „принцези“, така иронично се нарековме затоа што во кафеана задолжително јадеме џимиринки, пиеме ракија и слушаме виолини на уво) ми пушта видео како танцува на некое латино-хитче на нејзиниот „руфтоп“ дома. Ми пишува: „Еве ти, можеш да им ја заиграш вечер горе, и ’антиката’ отвори им ја!“ Колку ме расположува, а познавајќи ја, веројатно на мое место досега ќе го направеше тоа. И покрај сите ограничувања, впрочем, кој може да те спречи да танцуваш. Ама не сум до толку „хај“ да организирам журки горе, а и веќе сум при крајот на карантинов, и на границата на издржливост. Сепак, пред да си легнам си заиграв на музичено, во соба…