Гоце Ристовски, прозен и драмски автор, литературен и театарски критичар, есеист, колумнист, аналитичар, литературен преведувач, универзитетски професор, декан на Факултетот за театарски уметности на интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ и претходно – долгогодишен новинар од културата, продолжува да нѐ изненадува на најпријатен можен начин како писател. По неговата проза (романи, раскази-приказни, есеи, монографии, студии), еве го сега на театарската сцена, и тоа со одличен драмски текст (веќе изведен во Нови Сад), со „едноставен“ наслов: „9“. Деветка: јазолот на сите јазли во симболичка смисла: кој се занимавал со симболологија, или барем го држел в рака Речникот на симболите на Шевалие и Гербран, знае за што зборувам!
„Деветка“ е драма за ужасот на апсурдот и ужасот на празнината: оној ужас на бесмислата за кој пишуваа Сартр и Ками, оној „нем ужас“ на светот испразнет од смисла и чувства, на светот без бога. Драмата е во основа пародија на Сартровиот и Камиевиот апсурд, како што своевидна пародија на тој апсурд се и Бекет и Јонеско. Но кај Ристовски станува збор за театарско-семиотичка радикализација на филозофскиот проблем на апсурдот. Тоа е радикализација на апсурдот до „апсурден апсурд“, до метаапсурд, до апсурдноста на апсурдноста на апсурдот. Во тоа е Гоце Ристовски голем, и затоа во оваа пиеса е над Бекет и Јонеско: не во вредносна, туку во последователна, гносеолошка смисла, во смисла на подоцнежна Камиева фокализација на светот.

Тој доаѓа, природно по нив, но и ги надградува (што е реткост!), покажувајќи дека и апсурдот има смисла. Рака на срце, и тие го знаеја тоа (Ками секако), ама за Ристовски, за разлика од утописките Бекет и Јонеско, апсурдот има смисла на еден специфичен начин: како топос, како чист реализам! Тоа е новото кај Ристовски по однос на сета досегашна драматургија на апсурдот. А во вредносна смисла, Ристовски е рамо до рамо со Бекет или Јонеско, и со тоа треба да се гордееме. Ова е голем драмски текст, потентен и моќен: поставува егзистенцијалистичко прашање, го решава постмодерно, со многу метаинстанци, цитирани кодови и реплики, а го адресира до нашата стварност, со што му прикачува „реалистичка“ етикета! Тоа е и премногу за театарско деби, и тоа во еден минимален драмски жанр – дуодрама!
Како апсурдот станува реализам кај Ристовски? Најпрвин, преку документарниот слој (цитирани кодови): Мажот на сцената ѝ чита весник на Жената. Преку тој обичен сценски реквизит, а всушност семиотички нуклеарен реактор, цела една цитирана современа медиологија влегува во драмската игра, и посебно – во идеолошкиот интерес на драмскиот текст. Ете зошто Ристовски е голем писател – дури и новинарството нему не му е „мртов капитал“, како и кај Хемингвеј. Препознаваме славни спектакуларни вести, „антологиски“ случаи од црните хроники, фамозни политички говори, мудри мисли, бесмислени медиумски кампањи и реклами, бизарни или банални настани од овој „забеган свет“ (израз на Ентони Гиденс), истиот свет што го опишува, како и Ристовски, и Освалд Шпенглер во „Пропаста на западот“.

Неговите постмодерни Адам и Ева, прогонети од рајот на смислата во пеколот на семиотичката бесмисла, во денешницава, како семиотички папагали повторуваат: политички слогани, мудри мисли, реплики, откршоци од различни книжевни дела, семиотички фрагменти од цели култури… Тие се како навиени кукли што говорат бесмислици со тежина на мудрости, или мудрости со леснина на бесмислици (обесмислени мудрости), тажни празни научни фусноти за еден уште потажен празен свет, свет сведен на обичен текст, кој до лудило самиот себеси се фуснотира со празни забелешки. Дури, не е сигурно и дали „мажот“ и „жената“ воопшто се дел од реалноста или дел од театарска претстава, или пак само прават проба за евентуална претстава. Дали се суштества од хартија или актери од крв и месо? Оваа метатеатрална инстанца на Ристовски му треба за да ја зацврсти централната идеја: сѐ е театарска илузија. Најпрвин – стварноста.
Ристовски суверено владее со драмскиот идиом. Репликите му се избрусени, геометриски точни, дијагностички прецизни, зачудни, шокантни: има елементи и на „ин јер фејс театарот“, кај нас познат од драмите на Дејан Дуковски. Има елементи и на силна, изворна, вербална комика и црн хумор. Ристовски пишува лесно, течно, точно, со еден збор – одлично.

Се радувам што сум современик на оваа пиеса и на овој чуден книжевен автор, кој кон книжевноста негува однос од највисок морален сој – пишува само кога има што да каже, а кажува брилијантно. Кон книжевноста се однесува како кон нешто што не му е кариеристички пресудно, а кое во секој момент може да го напише. Доказ за тоа е и еден податок над кој нашата култура треба да се замисли: книгата не е издадена со поддршка на државата, туку е самостојно издание на авторот, во кое тој ги самофинансира и преводите на руски, српски и бугарски. И уште ова: претставата не е изведена во Македонија, а во Србија – да, што значи дека македонски драмски автор дебитирал во Србија. Зошто?!
Затоа, со задоволство ја препорачувам оваа мала книшка (со преводи на драмскиот текст на српски и на бугарски) за финансиска поддршка во која и да е форма, од страна на Вашето ценето министерство.

Венко Андоновски