Во убавиот крајморски град Бургас, еден од книжевните и културни центри на Бугарија, секоја година во мај се одржува манифестацијата „Свето слово“, значајна меѓународна средба на која учествуваат истакнати автори од Бугарија и од повеќе балкански и словенски земји. Речиси редовно таму учествуваат и македонски поети и писатели од средните и од помладите генерации, чиј настап предизвикува внимание и интерес кај љубопитната публика. Една од главните придобивки на ваквите културни манифестации е можноста да се постигнат договори за преводи на песни и книги од учесниците. Во Бургас живеат и работат повеќемина познати творци во рамките на современата бугарска литература, меѓу кои е и истакнатата поетеса Роза Бојанова, чии книги се печатени и на македонски јазик, но таму создаваат уште и поетесите Наталија Недјалкова, Калина Телјанова и Бина Клас, раскажувачите Јанчо Чолаков и Николај Фенерски, како и многу други писатели. Посебно се истакнува суптилната лиричарка Наталија Недјалкова со својата поема во проза „Парапети кон небото“.
Недјалкова е родена во 1969 година во Русија, а од 1984 г. живее во Бугарија. Завршила полска филологија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, на факултетот по словенски филологии. Таа е новинарка, преведувачка, поетеса и претседателка на Комисијата за творештво при Бугарската писателска организација, членка на Сојузот на рускојазичните писатели во Бугарија и на Сојузот на преведувачите во Бугарија. Преведува од (и на) руски, полски, македонски и црногорски јазик. Авторка е на поетските книги „Во театарот на сенките“ и „Парапети кон небото“ и на заедничкиот двојазичен зборник со руската поетеса Валентина Сергеева, „Онаму, зад зимата“. Ја превела и поетската збирка „Фотостихеза“ од македонскиот поет и драматург Борче Панов.

Санде Стојчевски

 

Беше еден мошне спокоен обичен гледач. И немаше никакви шанси да стане дел од елитни групи на филмските критичари и филмските историчари. Дури седеше во последниот ред на киносалата. Беше се научил да изгледа како незабележлив и непрепознатлив елемент од општата слика, над која испакнуваат познавачите на филмската уметност. Анонимноста му даваше можност да се насладува на гледалиштето, и во мислите да ги разместува кадрите на филмските ленти. Да ја пренапишува хронологијата на дејствието, времето веќе не беше линеарно, а минатото, сегашноста и иднината се слеваа во едно. Еднаш, кога салата беше зафатена од сеопшто негодување заради некаква следна слика, реши незабележано да се измолкне од салонот. Се доближи до вратата. Ја отвори. Во густиот мрак, проткаен со ослепителна светлина, не се гледаше ништо. Макар што немаше какво и да било присенување на скалила, направи решителен чекор напред. И кога бездната гостопримливо ја отвори својата прегратка, тој ги почувствува оние парапеди. На кои да се потпре кога се искачува кон небото. Тоа беше насекаде.

(Извадок од опусот на Наталија Недјалкова)