(Зоран Анчевски, „Небесна пантомима“, „Темплум“, Скопје, 2018)

Санде Стојчевски

Еве една книга што, пред оној што сака да зборува за нејзините стојности, кој наумил да ја објаснува и да ја фали, поставува несекојдневен, исклучителен услов: таа испакнува со својата стилска монолитност и бара сè вкупом да се цитира, не остава премин, влез, лирско одмориште од кое може да ѝ се пристапи. „Небесна пантомима“ е книга што се полни со изобилството што дрочело во една претпазлива, внимателна, но љубопитна и дејствена природа, што го толкувала светот, но и текстот што него го прибрал во сопствениот одраз. Тоа е книга на мудри лирски реферати, кои, меѓутоа, не се потпираат само на житејското искуство туку истовремено се целосно втемелени во еден беспрекорен увид во разновидноста, но пред сè во рангот на книжевното врховништво на сите периоди и култури. Затоа е можно тие да оставаат впечаток на комплетност и на комплексност. Елементите што учествуваат во нивната структура, сеедно од каква провениенција се, ја носат со себе на лирското градилиште меморијата за сопствената полнота, за наразеноста со дах од редок воздух, со гаранција за повеќекратна проверка на каквоста на сопствените креативни потенцијали. Со други зборови, тука се доближени и принудени на соработка на амбициозни лирски проекти лексички единици што во себе веќе отпорано ги скротиле противречностите што ги впиле во претходниот социјален сообраќај, што „преспивале во куќа од дијалекти“, но што овде се огласуваат со еден ефикасен, усогласен, наддијалектски поетски јазик, чија книжевна ефикасност се проверува и се потврдува во секоја одделна лирска единица.

Оттука, и не е случајно што под најголемиот број од песните е посочено местото во кое тие настанале, или барем се најавиле како ветувачки креативен јадеж. Овие лирски бранови наидуваат од најразлични меридијани и се усогласуваат во хармоничен и мудар текст отпорен на корозија, затоа што не се потпираат на атрактивноста и на егзотиката на далечните (просторно и временски) култури, туку во стиховите од нив се досипува универзалното јадро, јатката во која се втиснала историската човечка драма.
Со иста креативна самоувереност, со иста творечка сувереност песната се устројува и црпи од исто саќе и во Аурангабад и Бомбај, во Индија, но и во Галичник и во Витолиште. Една неоспорна житејска и творечка зрелост се манифестира, всушност како да се истура во стаменити лирски калапи и ние стануваме сведоци на испишување замамлива и мудра песна, на иста таква книга, која, за среќа, веднаш беше видена, препознаена и удостоена со највисокото чисто поетско признание кај нас, со наградата „Браќа Миладиновци“.

Песните во „Небесна пантомима“ ги ставаат на проверка нашите првични впечатоци за вистинската природа на нештата, нè исправаат пред неочекувани претстави, осветлувајќи ги затскриените, сенчести места на појавите, па така бидуваме замислени над кревкоста на навидум цврстите нешта, како каменот и почвата, на пример, од една, и цврстината на навидум кревките нешта, како светлината и зракот, од друга страна. Каков е ефектот на еден сончев зрак врз земјата, врз почвата?

Зракот сончев е небесен камшик што шиба по плеќите на земјата и отвора распукани рани.
Таков е ефектот на зракот, но еве прашање што сугерира уште поголема ефикасност на флуидното, на нематеријалното во однос на тврдоста на материјата:
Зошто духот не би можел да издлаби колевка за своето раѓање во каменот?

Ова се прашања и навестувања на одговори преку една внатрешна, длабинска пантомима, преку гестови-семазии чиј отслик се насетува на небесниот свод, како онаа везба на Блажевата везилка што сјае на небесното платно. Тие гестови, пак, не се само изјави, искази и коментари на надворешните и на внатрешните недоумици на искуственото јас, туку ѝ приоѓаат на песната со несомнен реставраторски наум, со намисла да предложат поинаков распоред на елементите во структурата, макар колку да е таа воспоставена и со столетија ефикасно практикувана и од најголемите мајстори на песната. Така, на пример, повеќе песни во книгата се испеани во сонетен, но модифициран облик, ослободени од нивната строга петрифицирана форма, пред сè од римата. Дека на певот му се пристапило со крајна одговорност и посветеност, но истовремено и со темелно познавање на литературната уметност, може да се види и од застапеноста на двата вида сонетна форма; оној класичниот, вообичаениот, составен од два катрена и од две терцини, но и шекспировскиот, кој содржи три катрена и едно двостишие. Сепак, иако ослободени од нивниот најмузикален елемент, римата, сонетите кај Анчевски не се притивнати, не се оштетени од нивната еуфониска страна, бидејќи, и покрај интервенцијата, тие и натаму звуковно се вибрантни, нив ги носи неоспорен внатрешен ритам, проткаени се со суптилна интонациска мрежа, па наидуваат преку определен такт, во бранови, со збиени составки, омеѓени со запирки:

од кујната, од чајникот,
од табиетот, од облеката…
значи и натаму остануваат верни на своето име, па ѕвонат, звучат, ѕунат
(сонет – sonetto, isp. sonare – ѕвони, звучи, ѕвечи).

Се покажува дека спонтаното и промисленото тука си подаваат рака, големиот увид во тајните на уметноста на зборот овде го подложува на долготрајна
ферментација искуствениот материјал, сите потези се влечат според јасни нацрти за обликување на лирскиот релјеф. Затоа е можно во овие песни да пулсира текстот и во својот видлив, но и во длабинскиот дел, па ту да се доближуваат ту да се оддалечуваат крепкото и кревкото, да се пресипува животниот материјал во текстот, во „ракописот“, предметите да се дофаќаат до цврсти контури и, пак, да се развеваат во ноќни чинодејства, велик товар да може да висне и да се држи на повесмо чад. Притоа сè да биде озвучено, ракописот да биде препознаен како музички инструмент, да се огласат дури и разурнатите камбанарии, а и визуелното да се понуди за еуфониска соработка со земањето вид на петолиние. Но ова не се објаснува, ова се цитира:

Сега го пееш ракописот
на паднатите камбанарии
и ноќните куќи
врз густи петолинија чад.

Во овие стихови пее пределот, но пее заедно со своето минато, со меморијата за некое идилично време кога камбанариите стоеле гордо исправени, исполнети со својата исконска функција, кога куќите не биле навеани со густа темнина на ноќта. Во овие песни „на ортома од пајажинки“ се нижат зборови од еден јазик што стасал до својата апсолутна зрелост, во нив нашиот поет ни се открива во својот творечки зенит, тука текстот се одвива така што „крајот на едно име е почеток на друго“, а мудриот говор и понесниот пев се наоѓаат во цврст творечки преграб. Со оваа своја книга Зоран Анчевски како дебело да ја подвлече констатацијата на еден поранешен есеј на авторот на овој текст дека овој „поет, есеист, литературен преведувач, универзитетски професор, претседател на Советот на ’Струшките вечери на поезијата’, чест присутник во најразлични сфери на креативното, се препознава како една од најистакнатите, крупни фигури во современата македонска литература и култура“.