Староста на трибунот (2)

Тие бурни мајски денови, париските демонстрации, предводени од Националната унија на француските студенти, од Сорбона и Латинскиот кварт брзо се ширеа низ Париз, оснажувајќи се со нови демонстранти, пред сѐ младинци и работници. Полицијата насилно реагираше, демонстрантите одговорија со фрлање коцки од калдрмата и градење барикади. Ова можеше да потсети на традицијата на париските народни бунтови, добро позната од историјата: од Француската револуција во 1789-та, преку големите улични немири во 1832-та (во кои учествуваат Гаврош и Мариус на Иго) и во 1848-та (каде што е учесник самиот Иго), до Париската комуна (чија сто и педесетгодишнина ја слават напредните низ светот), гневниот народ излегуваше на улица.
Како во предупредувачките масовни немири се однесуваше Генералот, а како Егзистенцијалистот?
Седумдесет и осумгодишниот Де Гол, под голем притисок на настаните, за кратко замина (побегна?) во Баден-Баден, каде што се сретна со генералот Масо, заповедник на француските окупациски сили во З. Германија. За што се договарал со него? Претпоставка е дека разговарале за можната интервенција на војската против демонстрантите. Пред седум години, како претседател на владата, Генералот со сила ефикасно го спречи алжирскиот државен удар на „пензионираните генерали“, многу лесно придобивајќи ја, во својата стара војничка униформа од Втората светска војна, војската на своја страна. Освен тоа, обидот за државен удар наиде на широко спротивставување кај синдикатите, кои со едночасовен синдикален штрајк му дадоа поддршка на Де Гол.
Генералот знаеше дека со народот нема играње. Се врати на преговори со студентите и работниците во Париз и прифати некои нивни барања, но затоа веднаш го распушти парламентот и веќе во јуни 68-та закажа нови избори, на кои убедливо победи.
Од „другата страна на барикадата“, егзистенцијалистичкиот гуру Жан Пол Сартр, единствен што ја одбил Нобеловата награда за литература, доследен на ставот дека писателот не смее да се идентификува со ниедна институција, бил одушевено следен од студентите, и неговата трибунска популарност во бунтовните шеесетти не беше само француска туку глобална, светска.

Во мај-јуни 68-та, во екот на немирите, тој беше силен инспиратор и поддржувач на студентскиот бунт. На 20 мај, во „Le nouvel observateur“ е објавено интервју во кое Сартр разговара со Даниел Кон-Бендит, Црвениот (прекарот поради бојата на косата и политичките убедувања), еден од лидерите на студентското движење. Но како оној што интервјуира. Да, големиот моќен филозоф Жан Пол Сартр го интервјуира младиот бунтовен студент Кон-Бендит! И тоа во екот на демонстрациите.
Поради граѓанската непослушност и активната поддршка на студентите, Сартр бил уапсен, но, по наредба на Генералот, со зборовите „Не апсете го Волтер!“, веднаш ослободен.
Сартровиот егзистенцијализам и неговите идеи за слободата, хуманистичките вредности, револуционерната солидарност (според него, Че Гевара е најкомплетното човечко суштество на неговата доба) беше во голема мода меѓу бит-генерацијата, која, пак, ги водеше масовните протести што од Франција ги зафатија Европа и светот.
Наспроти „Биди млад и молчи“, еден од тогашните графити со кои студентите ја иронизираа Деголовата политика, се храбреа со Сартровото „Да бидеме реални, го бараме невозможното!“.

(продолжува)