Староста на трибунот (1)

Трибунската ангажираност за суштинските етички начела, за опстојот на својата национална литература, култура и јазик очекува да биде величана со високи награди и признанија и со доминантно место во книжевните истории. Трибунот писател, прифатен и од својата фела како исклучителен, авторитетно ги оценува креативните дострели на своите современици и претходници, со што ја нагласува сопствената важност во востоличувањето на националниот Пантеон. Во книжевниот свет тој речиси нема соперник што може да му парира по важноста и функцијата што тој ги зазема во културниот и општествен живот на својата татковина. Неговиот противник, ако е поединец, мора да ги оличува оние властодржни практики и структури што го предизвикуваат трибунот дирекно да им се спротивстави. И да биде во властодржна политичка позиција, па тогаш трибунот, кој инаку се бори за Правда и Принципи, влегува во двобој. Така беше случајот и со Иго, и со Сартр.
Но Сартр, да бидеме искрени, имал многу поинтелигентен и позначаен противник отколку оној на Иго. Генералот Шарл де Гол. Херојот на францускиот отпор, претседател на 5-та Република, државник со светски углед, моќна фигура во француската историја. Освен тоа, за разлика од Наполеон III, бил омилен во народот, кога во 1958-та е избран за претседател на Француската Република, овој висок нослест 67-годишен генерал добил 78,5 отсто од гласовите. Ја поттикнува промената на Уставот, за што добива уште поголема поддршка од Французите – 79,2 отсто! Генералот, со право, се славел како двоен спасител на Франција – прво, во ослободувањето на татковината од фашистичката окупација, второ, спасувајќи ја Француската Република од застрашувачки немири. Имено, во мај 58-та, радикалните приврзаници на француската колонизаторска власт во Алжир дигаат бунт, армијата им се придружува. Франција е веќе истоштена од штотуку завршената војна во Индокина. Само еден човек, генералот Шарл де Гол може да ја спаси од целосен државен удар. По оставката на местото претседател на државата уште во 1946-та, Де Гол повторно станува претседател, за голема добробит на татковината. Го смирува бунтот, врши реформи на институциите со поддршка на мнозинство пратеници и го прогласува Уставот на Петтата република. Андре Марло, убеден комунист, активен учесник во кинеската револуција, шпанската граѓанска војна и францускиот партизански отпор, по сето тоа исклучително револуционерно искуство, станува министер за култура во кабинетот на Де Гол и негов искрен приврзаник.

Во своите „Антимемоари“ тој ги открива почитта и довербата кон својот претседател: „Со својот соговорник тој воспоставуваше многу интензивен контакт, што, со оглед на неговата резервираност, се чинеше необјаснив. Тој контакт во прв ред проистекуваше оттаму што тој оставаше впечаток на целовита личност – впечаток што ја демантираше онаа вообичаена изрека: не оценувај го човекот според еден разговор. Сето она што ми го кажа ја поседуваше онаа тежина што историската одговорност им ја дава и на сосема едноставни изјави… Разговарав со висок офицер што ги сакаше идеите и кој незабележливо ги поздравуваше во минување; со човек пред кого секој беше одговорен, зашто тој носеше одговорност за судбината на Франција; и конечно, со личност опседната со своето послание и чиј дух беше преокупиран со таа судбина што требаше да ја открие и да ја исполни“.
Јасно е дека Де Гол беше вистински национален трибун на Франција, обединувачка сила на францускиот народ, кој, откако ги преброди сите тешки искушенија, во староста се соочи со уште еден голем и опасен животен предизвик. Во мај 1968-та тој беше во својата 78. година, Сартр, иако петнаесетина години помлад од него, влегуваше во својата „трета доба“. Судирот меѓу Генералот и Сартр беше всушност соочување на две искусни, умни и решителни личности, во и на прагот на староста.
(продолжува)