Традиционално во мај Филозофскиот филмски фестивал организира две специјални проекции – репризно прикажување на победничките филмови на фестивалот во присуство на режисерите. Љубителите на филм-филозофијата ќе имаат ретка можност за средба со добитниците на наградата „златен був“ во конкуренција на долгометражни филмови од жирито и од публиката. Проекциите се бесплатни и ќе се одржат во Кинотеката на Македонија. По прикажувањето на филмовите се предвидени модерирани разговори со гостите во кои ќе може да се вклучи и присутната публика.
Филозофскиот филмски фестивал е организиран од Филозофското друштво на Македонија. Специјалните проекции се реализираат со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија.

Вечерва во 21.30 часот ќе биде прикажан „Граѓанинот“ (2016) на Роланд Враник, прогласен за најдобар долгометражен филм според жирито на ФФФ.
Филмот на суптилен начин го поставува прашањето, во време кога од една страна сè повеќе се универзализираат еднаквоста, слободата и граѓанството, а од друга страна се соочуваме со безбројни пречки на патот, дали треба да се биде или да се (о)стане граѓанин денес.
Овој филм на унгарскиот режисер Роланд Враник е добитник на наградата за најдобро сценарио на „Фантаспорто“, филмскиот фестивал во Порто, Португалија.

Враник по завршувањето на студиите работи на повеќе краткометражни и долгометражни домашни и интернационални филмови како продукциски менаџер и асистент на режија. Во 2000 г. добива грант од „Балаш Бела студио“ со кој го напишал и режирал експерименталниот краткометражен филм „Доминатор 2000“. Истата година тој е асистент на режија на Бела Тар за „Хармониите на Веркмајстер“. Неговиот прв долгометражен филм „Црна четка“ е добитник на повеќе филмски награди, а „Трансмисија“ се има прикажувано на повеќе од 20 реномирани филмски фестивали.
В недела во 20 часот е проекцијата на „Кај мене“ во режија на Теди Некула, прогласен за најдобар долгометражен филм според публиката на ФФФ.

Некула е романски режисер што режира и продуцира инспирациски филмови. Има создадено повеќе од 40 филмски и документарни проекти што се насочени кон социјалните проблеми во Европа. Некула тогаш има можност да биде во контакт со луѓе од ранливи групи како деца без родители, лица со попреченост, жени-затвореници, лица болни од сида и заедници под ризик. Неговата лична филозофија и искуство го прави да ја бара инспирацијата во наративот на секоја приказна, дури и на оние места каде што другите би нашле само драма.