Во Градскиот трговски центар, денеска, во 14 часот, со отворање на изложбата „Претседателите на ДЛУМ“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, наедно ќе биде отворена и галеријата во уметнички центар „Арт хаб“. На изложбата до 25 ноември ќе бидат презентирани дела на македонските уметници: Никола Мартиновски, Борко Лазески, Драгутин Аврамовски-Гуте, Вангел Коџоман, Миле Корубин, Коле Манев, Глигор Чемерски, Мирослав Масин, Петар Хаџи-Бошков, Нове Франговски, Томе Серафимовски, Борко Митриќески, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Љубомир Белогаски, Петар Мазев, Константин Танчев-Динка, Сергеј Дамовски, Христијан Санев, Филип Фидановски и Тања Балаќ.

Планирано е издавање и на соодветен каталог во кој ќе бидат застапени сите досегашни претседатели на ДЛУМ, а најавено е дека во декември во уметничкиот центар „Арт хаб“, друштвото ќе го претстави добитникот на традиционалната награда за сликарство „Нерешки мајстори“.