Културно-информативниот центар го претстави новото пијано, донација од Лихтенштајн, со концерт насловен „Вечер со пијано“ на пијанистите Дино Имери, Шкелзен Бафтиари, Арда Мустафаоглу и Нита Груби.
Дино Имери (1990) е еден од најбараните македонски пијанисти. Соработува со престижни оркестри, како Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Симфонискиот, Камерниот и Биг-бенд оркестарот на ФМУ, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“, а рецитално настапува на најпрестижните европски сцени од Македонија до Австрија, Франција, Италија, Хрватска, Бугарија, Србија и др.

Шкелзен Бафтиари дипломирал на Факултетот за музичка уметност со највисока оценка во класата на Борис Романов. Магистрирал во истата институција со највисока оценка во класата на Симон Трпчески. Настапувал на голем број концерти како солист, со камерна музика, како солист со симфониски оркестри. Има освоено голем број награди.

Арда Мустафаголу (2002) е добитник на многу награди на меѓународни натпревари: Гран-при и награда за најдобра интерпретација на турски композитор на Меѓународниот натпревар во Истанбул, лауреат е на меѓународниот натпревар „Музиката и земјата“ во Софија, прва награда и специјална награда за интерпретација на композиција од 21 век на интернационалниот натпревар во Верона и др. Реализира солистички концерти и настапува со Македонската филхармонија.
Нита Груби (1995) потекнува од музичко семејство. Основно музичко училиште завршува во класата на Лудмила Романова, а средно образование во „Илија Николовски-Луј“. Добитничка е на повеќе први награди на меѓународни натпревари.