Со предавање на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди-Бифо, вчера, почна годинешното петто издание на КРИК – фестивал на критичка култура во организација на „Контрапункт“. Предавањето, насловено „Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“,се одржа онлајн и ова е прво од серијата предавања проследени со разговори што ќе се одржуваат во текот на јуни. Станува збор за познатите теоретичари Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.

Франко Бифо Берарди (1949 година) е италијански комунистички филозоф, теоретичар и активист. Тој бил клучна фигура во италијанското движење за автономија во 1970-тите, кое го славеше капацитетот на работникот за социјални промени. Неговата работа главно се фокусира на улогата на медиумите и информатичката технологија во постиндустрискиот капитализам. Берарди има напишано над дваесет публикувани книги, како и голем број есеи и говори. Моментално работи за списанието „Дериве Апрододи“ и предава социјална историја на комуникација во Милано. Берарди живее и работи во Болоња.

Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржува во текот на оваа година, се обединети во насловот „Слобода, социјализам и секуларност“, кој директно произлегува од книгата што „Контрапункт“ ќе ја издаде во јули, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година. Станува збор за „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, од еден од најзначајните филозофи на нашето време, Мартин Хеглунд.

– Оваа година прославуваме пет години од постоењето на КРИК, фестивал за критичка култура, кој е замислен како отворена платформа за развој и практикување критичка култура. Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега сме разговарале само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми.

Сега во реалниот простор и време ни се случуваат тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум. Соочени сме со конечноста на светот во неговите најкревки аспекти. А се чини не бевме подготвени за вакво радикално соочување. Досега страдањата на милиони сиромашни, отфрлени, унижени, потиснати низ планетава, која буквално вреска затоа што ја рануваме катадневно заради нашето безумие и алчност, поминуваа речиси незабележано, арогантно ги игнориравме болката и маката на илјадниците луѓе, затоа што тоа „умирање“ секогаш се случува „таму некаде“, не во нашиот „цивилизиран и еманципиран“ и „добро уреден“ двор. Реалната и масовна закана од една болест ничкум ги преврте нашите досегашни императиви за мобилност, за општествена интеракција, за размена на вредности. Овој пат, светот дистопично „крикнува“ и вели дека е крајно време за нови парадигми, за преструктурирање, превреднување и поставување радикално поинакви културни и политички насоки – велат организаторите.

Фестивалот ќе се фокусира на три главни доста деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области што се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот. Мотото и понатаму останува втемелено во размислата на Ален Бадју: „Заедницата што се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација е заедница на слободата, на заемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството, со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“

Во организацијата се: Искра Гешоска, Артан Садику, Станимир Панајотов, Јана Коцевска и Тијана Ана Спасовска.