Слики од моите белградски години 15

Наспроти таа очигледна напнатост, возниот ред на железницата течеше без застој. Како последното патување на другарот Тито во синиот воз од Љубљана до Белград да ја заветуваше ЖТЈ во важноста на железничкиот сообраќај за непречениот развој на татковината и по смртта на доживотниот претседател. Така и деловниот воз Скопје – Белград и обратно возеше по ред и закон и доцнеше на пристигнувањето најмногу половина час.

Кога се случи спомнатото патување, беше поминато нешто повеќе од година откога го отслужив воениот рок и главата уште ми беше преполна со војнички анегдоти што во машките глави остануваат доживотно. Служев во родот воена полиција, од каде што по осуммесечна исцрпувачка обука, бев распореден на некои мошне интересни задачи. На пример, носев строго доверлива пошта од централната белградска воена команда во различни касарни низ целата тогашна држава. И на едно од тие „работни“ патувања, во Љубљана, се сретнав сосема случајно, во едно од кафулињата кај Тримостје, со две девојки, Словенки, со кои се запознав, исто така во воз, кога поаѓав, како регрут, на отслужување на воениот рок. Вечерта, во униформа, ја поминав на луда журка во станот на една од нив. Или, како стражар во Врховниот воен суд, каде што присуствував на секакви судења за воени лица (се сеќавам на една брилијантна одбрана на прочуениот адвокат Рукавина за еден војник суботар поради одбивање да носи оружје) за време на паузата, додека во стражарската кабина ги читав расказите на Кафка, на мене налета Папас, идниот македонски министер за култура, а тогаш војник, и таа средба потоа ја прераскажуваше со години. Или, вооружен и накитен со сите можни оружја и воки-токи и поради тоа испотен до гола кожа (беше јули) го чував домот на генерал Љубичиќ, кога од дворот мазен женски глас ме покани да се освежам со сок. Гласот ѝ припаѓаше на една згодна девојка (ќерката на генералот?), и тоа (с)облечена во бикини. И што можев тогаш, освен да го пивнувам сокот со ситни, бавни голтки.

Зарем тоа не се случки што и ден-денес звучат необично?

Ми се чини дека веќе во почетокот, со поаѓањето на возот, купето беше исполнето со патници, пет или шестмина, а можеби тој впечаток, заедно со оној на полуспуштените пердиња на прозорецот од купето, го задржав поради наметнатата тајност со која отпосле се зачини нашата средба. Иако можеби тие четири часа, колку што траеше разговорот со човекот од Белград до Ниш, каде што тој се симна, беа поминати во сосема друг амбиент, можеби во празно купе и со полуотворен прозорец. Но не, затоа што, на тоа сепак можам да се сетам, тоа не беше дијалог меѓу двајца, туку муабет во кој се мешаа повеќе гласови што се уфрлаа, дополнуваа, сосе куферите што при кочењето на возот се помрднуваа над нашите глави. Мислим, ама не сум сигурен, дека некој од патниците нѐ послужи со сендвичи со кајмак, а друг со „кокта“ во пластични чаши.

(продолжува)