Истражувањата од проектот за врските меѓу Скопје и Солун се претставени на изложба и во монографија

„Скопје виа Солун“ е насловот на етнолошко-антрополошкиот проект на Музејот на градот Скопје, кој во својата реализација беше поддржан од Град Скопје од 2018 до 2020 година, а во 2018 година и од Министерството за култура. Под исто име, во музејската галерија „Белогаски“ на 24 ноември беше отворена и изложба со експонати, фотографии и архивски документи, а за крајот на декември беше најавено и објавување монографија на македонски и англиски јазик. Aвторки на проектот и на монографијата се музејските кустос- советнички, етнолозите Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска и кустос-етнологот Оливера Џартовска-Тачевска.
– Желбата за проучување на двата града Скопје и Солун се појави поради долгогодишните истражувања на литературата, архивските материјали и теренски истражувања во кои се испреплетуваат и поврзуваат градовите низ вековите – стои меѓу другото во предговорот на монографијата „Скопје виа Солун“.
Авторките на монографијата истакнуваат и дека претставата „Солун град на духови“, во режија на Слободан Унковски, им била уште една причина повеќе во реализација на нивната желба за проучување на овие градови. Љубопитноста им ја разбудила и истоимената книга „Солун град на духови, христијани, муслимани и Евреи 1430-1950“ од Марк Мазовер. Во хронологијата на проектот стои и дека од страна на Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов било испратено писмо за културна соработка до градот Солун, а договорот за соработка Шилегов го потпишал со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис. Во рамките на проектот била планирана и соработка со Центарот за историски проучувања од Солун.

– Соработката со Центарот за историски проучувања не се оствари поради локалните избори во Грција и смената на власта, но, сепак, ние како авторки на проектот сметавме дека треба да го завршиме проектот, а при првата можност да ѝ го претставиме на солунската јавност. Ги истраживме зададените тематски целини, а компаративниот дел за Солун го извлековме од литературата во кратки приказни за градот. Иако значењето на монографијата ќе беше поинакво со истражувања и тематски целини изработени од колегите во Солун, сепак сметаме дека преку презентираниот материјал ќе можеме да ја прикажеме нишката на поврзаноста на двата града. За остварување на проектот беше користена обемна литература, драгоцени беа истражувањата во Солун и истражувањата во Скопје, кои постојано ни откриваа нови и нови приказни. Проектот се состои од поглавја што почнуваат со најстарите податоци, а продолжуваат со 19 и 20 век. Сегашноста е спомената во главни црти, поради фактот колку е сложен и обемен нејзиниот опис, кој зависел и зависи од многу услови, промени и причинско-последични елементи за кои ние сме современици – вели раководителката на проектот, Славица Христова.
Проектот „Скопје виа Солун“ им отворил нови видици и перспективи за понатамошна истражувачка работа, кои во иднина би можеле да се однесуваат на врските на Скопје со други градски центри на Балканот.

– Првичните истражувања за сличната судбина на двата града, нивната испреплетеност во текот на историјата, нивните заеднички влијанија беа почетни во развивањето на проектот. Во размислувањето и неговото планирање, во едно бевме сигурни, дека тој не би требало да биде поврзан со актуелната политика, туку дека ќе се однесува на историски моменти и факти. Некои коментираа „денес сè е поврзано со политиката“ и навистина, покрај јасната цел, сепак во текот на развојот на проектот влијаеше политиката. Нашата пријателка Олга Мезоридоу, која работеше во Канцеларијата за врски – Оддел за економски и комерцијални работи на Грција во Скопје, а која сега е во пензија, со својата космополитска отвореност ја поддржа нашата идеја за проектот и преку нејзините контакти во градот Солун почна текот на развивањето на соработката – пишува меѓу другото во монографијата.
Проектот бил поставен како заеднички на Музејот на градот Скопје и споменатиот Центар за историски проучувања, кој, истакнуваат авторките, го прифатил проектот со големо воодушевување. Учесниците од двете институции требало да ги почнат истражувањата според утврдениот предлог-проект и по завршувањето да го издадат во заедничка монографија со паралелни истражувања. Авторките, етнолози од Музејот на градот Скопје, двапати и реализирале теренски истражувања во Солун, преку средби со луѓе што на различен начин се поврзани со овој град. Со Македонци што живеат во него, со луѓе што живеат и работат како претставници на фирми од Македонија, со луѓе што повремено живеат во Солун поради остварени бизнис-релации на македонски и грчки фирми, со стари жители на градот што се чувствуваат Македонци… Тие се обиделе и да го рекогносцираат стариот град Солун, местата каде што во 19 и 20 век се одвивала трговијата, каде што биле значајните објекти на градот: банки, колеџи, амами, познати улици, Дебар Маало, познатото во почетокот на 20 век, а сега улица Папафи, каде што во тој период живееле доселеници од Дебар и други градови, кои најмногу се занимавале со градителство.

Монографијата содржи и фотографии и архивски документи од животот во Скопје и Солун низ вековите, како и рецензија на Љупчо С. Ристески, редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија, кој меѓу другото ќе напише и дека оваа студија за развојот и заемните односи помеѓу двата града на Балканот е труд што низ историска перспектива дава изобилство од етнографски, документарни и друг вид податоци преточени низ перспективите на нејзините авторки и претставува неодминливо четиво за сите заинтересирани за културните истории на Скопје и Солун. Монографијата содржи 12 посебни глави, од кои осмата, која е посветена на културните врски и влијанијата помеѓу двата града, главно се фокусира на анализа на облековната култура и исхраната, со посебен акцент на размената на културни вредности и влијанија. Во другите се говори за историјата на градовите, за нивната сообраќајна поврзаност, за населението во двата града и нивната трансформација од ориентални во модерни, за трговските врски од 19 век до денес, за индустрискиот развој, за банкарството, за нивната поврзаност и преку образованието, спортот и туризмот. Под наслов „Фамилијарни, лични и професионални врски помеѓу двата града“, се елаборирани заемните врски, движењето на населението на микрониво, по примери од семејства што во минатото или денес имаат поврзаност со двата града.
– На Фејсбук, македонските жени што се омажиле и живеат во Солун си формирале своја група, преку која се организираат за нивните средби и контакти. Значителна е и бизнис-заедницата, а пријателските врски се присутни. Скопје и Солун си го живеат својот развој, се развиваат во својот сопствен стил, но нивната близина создава услови за туризам, бизнис, љубов и семејни односи – велат трите авторки на монографијата „Скопје виа Солун“.

Тие потсетуваат дека во периодот на 1970-тите и 1980-тите години многу Грци и солунци студирале во Скопје, но и укажуваат дека при своите истражувања стапиле во контакт со некои од нив што завршиле факултет, се заљубиле и останале да живеат во Скопје. Луѓе што формирале свои семејства, свои бизниси и кои одржуваат врска со Солун, но не сакале во ова пригода да им бидат објавени имињата. Нивните приказни за животот, љубовта, семејството им оставиле впечаток на етнолозите, кои сметаат дека истражувањата во Скопје за поврзаноста со Солун може да траат долго.