Во организација на Институтот за македонска литература при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет, од 13 до 15 ноември во Истанбул, Турција, се одржа меѓународен научен симпозиум, насловен „Урбани културни идентитети – Скопје и Истанбул“.
Симпозиумот беше отворен во присуство на висока делегација од македонска страна, составена од ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, амбасадорот на Македонија во Анкара, Звонко Муцунски, генералниот конзул Актан Аго, заменикот на генералниот конзул во Истанбул, Александар Христов, а од турска страна присуствуваа и свои обраќања имаа ректорот на Истанбулскиот универзитет, Махмут Ак, и деканот на Факултетот за литература, Хајати Девели.

– Симпозиумот претставува континуитет на договорот за соработка што во 2018 година беше склучен помеѓу Институтот за македонска литература и Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет. Договорот меѓу другото вклучува заемно учество во издавачката дејност на двете институции, визитинг-предавања, учество на симпозиуми, гостувања на македонски писатели пред студентите по македонистика на Истанбулскиот универзитет и сл. – вели Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература.
На научниот симпозиум учествуваа дваесет и седум научни работници од двете земји, со излагања во кои се третираат теми за урбаниот концепт на градовите Скопје и Истанбул, кои во текот на историјата бeлежат значајни и мошне интензивни политички, економски и културни релации.

– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните култури. Динамиката на културните размени меѓу Скопје и Истанбул со овој проект се обележува низ значајните пунктови на тие релации (јазик – литература и историја – култура) со теми што ги поврзуваат состојбите од средновековниот период и периодот на преродбата, па до денес, преку кои се граделе и културните идентитети на двата града, процеси што низ историски претпоставки доведувале до меѓусебни културни препознавања – рече Јакимовска-Тошиќ во Истанбул.
Деканот на Факултетот за литература при ИУ, Хајати Девели, го истакна значењето на постоењето на Лекторатот за македонски јазик и литература, кој започнува да функционира во академската 1985/1986 година. Тој подвлече дека радува фактот дека интересот за изучување на македонскиот јазик континуирано се зголемува и во моментот бројот на студенти изнесува 127, а наставата (десет часа неделно) ја организира и реализира лекторката по македонски јазик и литература Марина Цветаноска.

– Градовите не претставуваат само физички простори, тие се и извор на културата и идентитетот, а Скопје е еден од ретките градови на Балканот што е колепка на цивилизацијата, со огромна историска заднина. Турција им придава големо значење на политичките, економските и културните односи со Македонија – рече Махмут Ак.