Сликарот Стефан Хаџи-Николов е благороден, спокоен и питом човек, кој во уметноста, меѓутоа, освен што овие својства ги вградува во сликите, покажува очигледна склоност кон реткото, избраното, завршното и завршеното, кон совршеното. Ја имам привилегијата да другарувам со овој беспрекорен и чист уметник и сведочам за неговата голема љубопитност и во животот и во уметноста, особено за неговата посветеност на оние места, на оние пунктови, на оние благословени точки каде што тие, животот и уметноста, се допираат и си ги разменуваат својствата и вредностите, доколку, се разбира, воопшто може да се говори за нивно видливо разграничување.
Постојано сум со Стефан низ раскошот на македонските планини и полиња и сведочам за неговото изострено чувство да ги забележи дури и најбезначајните демонстрации на реткото и убавото, кои потоа љубопитниот посматрач и познавач на ликовната уметност може лесно да ги открие во неговите слики, но, се разбира, естетски преработени и осветлени од неговата дарба за хармонија, за ефектот на светлината, на темникавите нијанси и на сенките, осoбено за оние премини во кои светлината и темнината ги вложуваат своите најтипични ликовни квалитети.

Хаџи-Николов е еден од најизвишените уметници во нашето современо сликарство. Зад него остануваат голем број изложби во земјава и во странство, тој е носител на високи награди и признанија од својот еснаф, но и на големата награда за животно дело „23 октомври“. Овој префинет сликар спаѓа меѓу ретките наши ликовни уметници што суверено владеат во областа на портретот, дарба преку која веднаш и несомнено се препознава предиспозицијата, талентот, како што вообичаено се вели. Хаџи-Николов е еден од оние ретки уметници што никогаш не запираат во сопствената надградба, кои постојано со креативен сомнеж гледаат на постигнатото, ги анализираат своите успеси, но уште поупорно ги проверуваат оние потези за кои сметаат дека стојат на половина пат до совршенството.
Еве како звучи тоа со неговиот глас, колку искрено се отвора пред другите во многубројните разговори и интервјуа со новинарите и ликовните критичари. Вели: „Во повеќе од половина од творештвото, сината боја ми беше една од доминантните, но последниве десетина години почнувам да експериментирам, да ги откривам тајните и на другите бои, тие да се доминантни во сликата. Јас сум, на некој начин, роден колорист. Никогаш со бојата не сум имал проблем… но ми недостигаше линија, цртеж. Сега го направив тоа. Сè што е тешко, човекот го интерeсира. Напредував последните години во цртежот и во формата. Дури некои слики ми станаа и монохроматски, каде што буквално употребувам една сина боја и ништо повеќе“.

И уште, вака сведочи за опсесијата, за целосната предаденост на сопствената уметност: „На целата слика сакам, одгоре додолу, самиот да не можам да најдам мана… Во секој случај, со тоа легнувам, со тоа станувам… Уметноста е во мене…“ Ваквата посветеност на Хаџи-Николов на доусовршувањето го доведе до восхитувачки платна на кои до совршенство е вообличена, восфалена и благословена убавината, убавината во сите нејзини појавности, но, се разбира, и убавината на женското тело, на таа демонстрација на човечкото, човечното и божественото. Му нема рамен на Стефана кога ќе застане пред убавината и ќе се обиде да ја пренесе од минливата стварност во долговечноста на уметничкото траење. Тука особено го привлекуваат тешкотиите што се испречуваат меѓу стварноста и нејзиниот отпечаток, но прекршен преку уметниковата призма.

Санде Стојчевски