Во Музејот на современата уметност во Скопје, вечерва, со почеток од 20 часот, ќе се случи годишниот симпозиум на Здружението на ликовните критичари – Македонија, насловен „Ликовната критика денес“. Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на темата „Уметноста и прекаријатот на просторот,“ конципирана и модерирана од Тихомир Топузовски.

Учесници се: Данило Прњат, Владимир Јанчевски, Славчо Димитров, Артан Садику.
– Уметноста и прекаријатот на просторот се однесува на прашањата за тоа како културните и уметничките практики се испреплетуваат, отсликуваат, спротивставуваат или ја посочуваат прекаријатноста, односно состојбите на општествена нестабилност, ситуации на илегална работа, маргинализираност и живеење постојано под еколошка закана. Фокусот е на потребата да се проследат практиките што претставуваат сосема поинаков пристап на уметничко дејствување, за да се дојде до одредени промени на проблемите – велат од здружението.