Нашиот прославен пијанист Симон Трпчески реализира три концерти во Соединетите Американски Држави. Тој настапи со „Њу Џерси симфони“ и со прославената диригентка Шиан Жанг. Ова е нова соработка на нашата изведувачка ѕвезда со една од водечките дами зад пултот во светот, а која во моментов е шеф-диригентка на овој оркестар од Њу Џерси. Токму на првиот настап на оваа позиција Жанг диригираше со Трпчески како солист, а зад нив е и одличната серија концерти на овој тандем во родната земја на диригентката, Кина.

– Навистина имаме одлична соработка и ова беше вистинско продолжување на тоа убаво искуство. Публиката повторно нѐ награди со овации за изведбите на Концертот број 2 од Лист. Со нова сила и нови надежи во новата декада, многу се радувам на серијата рецитали што ќе ги отсвирам во Европа: Словенија, Ирска, Англија, Пуерто Рико… Особено задоволство ми претставуваат премиерните азиски концерти на проектот „Македонисимо“ со 3 изведби во рамките на фестивалот во Пјонг Џанг во Јужна Кореја, како нова шанса да се претстави македонската музика на далечниот континент, низ тоа што од длабоките музички корени на македонската култура го изнедривме заедно со композиторот Панде Шахов – вели Трпчески.