Македонскиот пијанист Симон Трпчески, со одбрана екипа колеги, во легендарното студио М1 на Македонската радио-телевизија, ги снима материјалите за новиот компакт-диск.
– Чест ми е што можеме на некој начин да го оживееме ова фантастично студио што го поседуваат Македонската радио-телевизија и Македонија воопшто. Во моментов тука снимаме материјал за нов албум со дела од современата класична литература за камерна музика: „Квинтет“ на Панде Шахов, специјално адаптиран за нас, како и делото „Дивертименто за секстет“ од францускиот композитор Гијом Конесон, во аранжман на нашиот перкусионист Влатко Нушев. Со мене се некои од колегите од проектот „Македонисимо“, Нушев, Хидан Мамудов и Александар Сомов, како и уште двајца фантастични колеги: нашиот врвен виолинист Ѓорѓи Димчевски и одличниот виолист Сорин Спасинович од Романија. Се надеваме дека ова цеде многу скоро ќе излезе под престижната етикета на британскиот „Лин рекордс“.

Драго ми е што овој проект во време на пандемија се остварува со еден поголем тим, во кој се и „КултурОп“ и Македонската радио-телевизија – изјави деновиве Трпчески.
Изминатиот период Симон Трпчески во Берлин сними материјал за уште еден нов албум, со солистичка пијанистичка литература од германски автори, а минатиот месец одржа концерти во Букурешт. На 9 април треба да настапи во Катовице, со Оркестарот на полското национално радио, а за крајот на месецов му се планирани настапи со Оркестарот на Минесота во САД и концерт со Националниот оркестар на Франција во Париз.