Во рамките на почнатата обнова на куќата на сликарот Лазар Личеноски годинава треба да завршат работите на водоводната и канализациската мрежа и да биде поставена електрична инсталација

Со зголемувањето на бројот на луѓето што шетаат покрај кејот на Вардар расте и очекуваното внимание за судбината на спомен-куќата на сликарот Лазар Личеноски. Иако сѐ уште стои затворена, Конзерваторскиот центар – Скопје веќе ја реализира првата фаза од планираниот проект за нејзина обнова – работата на водоводната и канализациската мрежа, која треба да заврши во првиот квартал од годинава. Засега однадвор може да се видат мозаикот на влезната врата од куќата, малиот базен во дворот и познатиот мозаик на југозападната фасада, наречен „Апотеоза на трудот“, кој е видлив и од другата страна на реката.
– Се работи на доводната и одводната мрежа во објектот и надвор од него, на канализациската мрежа, на мрежата за противпожарна заштита, како и на другите работи предвидени со проектот – изјави директорот на Конзерваторскиот центар, Коле Чапкановски, кој очекува работите од споменатата прва фаза да бидат и завршени и пред предвидениот рок.
Годинава треба да биде поставена и електрична инсталација, додека за 2022 година е планирана реализација на повеќе зафати на архитектурата на куќата, внатрешни и надворешни конструктивни и санациски работи, хортикултурно уредување и низа други придружни содржини. Чапкановски укажува дека добиените средства од Министерството за култура, во согласност со пресметките, се доволни за реализација на актуелните фази од проектот планирани за годинава, а очекува тоа да се случи и за фазата архитектура, бидејќи, како што рече, овој проект е репрезентативен по својата намена. Тој е задоволен од соработката со Град Скопје и со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ при неговата реализација.
Спомен-куќата на Лазар Личеноски е дел од Националната галерија на Македонија, која и го најави очекуваното придвижување на работите на овој значаен објект што беше семејна куќа на Личеноски.

– Спомен-куќата „Музеј на Лазар Личеноски“ е еден од најважните проекти, како за Националната галерија така и за културната јавност во земјава воопшто, поради што и постојано поттикнува голем интерес. Но, наедно, морам да кажам и проект со кој се соочуваме со најмногу предизвици во неговото реализирање. Зошто? Затоа што станува збор за еден долг процес, кој сам по себе опфаќа повеќе фази и ангажман од повеќе тимови и многу стручни лица. И покрај добрите желби и силните настојувања што поскоро да ѝ го направиме достапен на јавноста, обемноста и сложеноста на работите при изработката и реализацијата на одделните конзерваторски и реставраторски проекти сами по себе го диктираат и темпото на реализација. Имено, проектот опфаќа конзервација, адаптација и ревитализација на куќата на сликарот Лазар Личеноски, со крајна цел таа како дом на еден од најзначајните основоположници на македонската современа ликовна уметност да биде пренаменета во спомен-куќа. Со ова на новите генерации, но и на туристите ќе им овозможиме автентично да го доживеат амбиентот во кој овој наш доајен живеел и творел, а наедно извршувал и едукативна работа. Процесот за валоризација на куќата како потенцијално културно добро што треба да биде заштитено како културно наследство почнал уште во 2008 година. Но дури во 2010 година првпат тим стручни лица на Националната галерија, заедно со тимови и стручни лица од другите области, беа вклучени во евидентирање на културното добро, на сликите, мозаиците, етнолошкиот материјал, документацијата и сл. Во таа пригода, за да се избегне опасност од кражба и уништување, Галеријата во своите депоа ги згрижи сликите и движните мозаици од колекцијата на Лазар Личеноски, како и негови лични подароци (слики, икони, цртежи и скулптури) од други автори – вели Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.

По многу превирања и спорови, конечно, со одлука на Владата, Националната галерија од 2015 година и официјално е задолжена да управува со куќата на Личеноски, со обврска да изврши евиденција на целокупниот имот и да преземе работи за заштита и згрижување на неговото недвижно и движно културно наследство.
– Од тој момент Галеријата ги презема сите потребни чекори за решавање на проблемите со обезбедувањето на куќата, како и евиденцијата и заштитата на целокупниот движен културен материјал, како сликарскиот, така и етнолошкиот, библиотечниот и архивскиот, кои денес се наоѓаат во депоата на Националната галерија – потсети Старова Ќерими.
Таа укажа дека во соработка со Конзерваторскиот центар – Скопје е изработен основниот проект за конзервација, реставрација и санација на објектот, како и негово партерно уредување, чија реализација е почната на крајот на минатата година. Иако се смета дека е куќата во релативно добра состојба, директорката на Националната галерија вели дека нејзиното реновирање е неминовно и неопходно за конечно таа да ја оствари својата вистинска намена на спомен-куќа „Музеј на Лазар Личеноски“.

– Кога велиме дека е во добра состојба, мислиме дека ние од наша страна како институција, која ја поседува во владение, се грижиме сѐ што во одреден момент ќе се покаже како потреба да го санираме и да овозможиме полесно остварувањето на нејзината ревитализација. Проектите што опфаќаат конзервација на движниот културен материјал, а се во наша надлежност, се веќе завршени и редовно се аплицира во рамките на националната програма во Министерството за култура за да се обезбедат финансии за почнување со активности. Движниот културен материјал, како што наведов и погоре, е евидентиран и згрижен во нашите депоа, со што му обезбедивме максимална заштита, како впрочем и за сите други дела од колекцијата. Конзерваторскиот центар – Скопје веќе објави тендери и почна со санација на куќата. Значи, ние редовно вложуваме максимални напори за обезбедување на сите предуслови таа конечно да ја оствари својата намена и да ја исполниме желбата на семејството Личеноски. Наша одговорност и надеж е што поскоро куќата на Лазар Личеноски да стане достапна за јавноста во најубаво светло, така како што сите сакаме да ја видиме – вели директорката на Националната галерија.