Објавена селекцијата за „Срцето на Сарaево“

„Сараево филм фестивал“ (СФФ) од 14 до 21 август ќе прикаже 49 филма во натпреварувачките програми на игран, документарен, краток и студентски филм, од кои дури 29 филма ќе имаат светски премиери. Селекторскиот тим на 26-от СФФ, под водство на креативната директорка Изета Граѓевиќ, погледна дури 750 филма, од кои 130 се долгометражни играни, 220 документарни, 250 кратки и 150 студентски, а одбра филмови од автори од сите земји од просторот на поранешна Југославија, како и од Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Бугарија, Кипар, Грција, Грузија, Унгарија, Малта, Молдавија, Романија и Турција. Селекторката на натпреварувачката програма Елма Татарагиќ вброи осум остварувања во селекцијата, од кои светски премиери ќе имаат „Галаксијата Андромеда“ на режисерката Море Рача, копродукција на Косово, Шпанија, Италија и Македонија, „Маузер“ на Фатих Очан од Турција, „Ото Варваринот“ на Руксандра Читеску од Романија, создаден во копродукција со Белгија, како и „Внатрешниот остров“ на Ру Хасанов од Азербејџан, во копродукција со Франција.

За „Срцето на Сараево“ ќе се натпреварува и филмот „Сите тие убави мали коњи“ на Михалис Константатос од Грција, создаден во копродукција со Белгија и Германија, потоа „Егзил“ на Висар Морина, копродукција на Германија, Белгија и Косово, грчко-францускиот „Копач“ на Георгис Григоракис, како и филмот „Маре“ на Андреа Штака, швајцарско-хрватска копродукција, а сите ќе имаат регионални премиери. Филмовите во таа селекција се натпреваруваат за „Срцето на Сараево“ за најдобар игран филм, вредно 16.000 евра, за наградата за најдобар режисер, која изнесува 10.000 евра, како и за „Срцето на Сараево“ за најдобар актер, односно актерка, вредно по 2.500 евра.
Селекторката на натпреварувачката програма на документарниот филм Рада Шешиќ избра 16 филма, од кои осум ќе имаат светска, два меѓународна, еден европска, а четири регионална премиера. Во трката за „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм, вредно 3.000 евра, како за наградата за човечки права (исто така 3.000 евра) и за специјалната награда на жирито, вредна 2.500 евра, се најдоа романскиот филм „Холи Фадр“ (Андреј Даскалеску), хрватскиот „Една од нас“ (Ѓуро Гавран), црногорскиот „Мирот на нашата Госпа“ (Владимир Перовиќ) и „Завера“ (Шемсудин Радончиќ), босанскохерцеговскиот „Нека е што пошарено“ (Адо Хасановиќ), копродукција на Белгија и БиХ, „Ненад“ (Младен Бундало), српскиот „Во слава на љубовта“ (Тамара Дракулиќ) и копродукцијата на Србија и САД „Зацели ме“ (Даниела Стајнфелд), кои ќе имаат светски премиери.

Романскиот документарец „Куќа на кукли“ на Тудор Платон и грчкиот „Фор карактер“ на Катерина Патрони ќе имаат меѓународни премиери, а европска ќе има унгарскиот „Приказната на моите мајки“. Регионална премиера ќе има филмот „Избор за мис“ на турскиот режисер Ејтан Ипекер, создаден во копродукција со Франција, Израел и Германија, како и „Мери Крисмс, Јиву“ на Младен Ковачевиќ, копродукција на Шведска, Србија, Германија, Франција, Белгија и Катар, унгарскиот „Враќање во Епипо“ на режисерката Јудит Олах, како и „Вуд“ на Моника Лозеран-Горган, Мајкл Кирст и Еба Синзингер, копродукција на Романија, Кина, Русија, Австрија, САД, Перу и Германија. Домашна премиера ќе има „Мојот дом“ на Раду Циорникиук од Романија, создаден во копродукција со Германија и Финска.
Кратките филмови во конкуренција, како и минатата година, ги одбра Елма Татарагиќ, a станува збор за десет наслови, од кои дури седум ќе имаат светска, еден меѓународна, а два регионална премиера.

Меѓу филмовите во конкуренција за „Срцето на Сараево“ во таа категорија, кое е вредно 2.500 евра и обезбедува квалификација за пријава за „оскар, се најдоа „Антиотпад“ на Тин Жаниќ од Хрватска, бугарскиот „Лушпи од јајца“ на Слава Дојтчева, романскиот „Невидливи“, грчкиот „По нејзините стапалки“ на Анастасиа Кратиди, ерменскиот „Пресврт“ на Овсана Шекојан, азербејџанскиот „Венчавање“ на Тејмур Гамбаров, како и словенечко-австрискиот „Збогум, Весна“ на Сара Керн, а сите ќе имаат светска премиера. Филмовите во натпреварувачката програма на краток филм се во конкуренција и за номинација за Европската филмска награда.