Македонскиот писател Бранко Прља потпиша договор со американската издавачка куќа „Далки аркајв прес“ за издавање на неговиот роман на англиски јазик „3 минути и 53 секунди“ (објавен под псевдонимот Берт Стајн). Станува збор за една од најреномираните издавачки куќи во САД што објавуваат литературни преводи и имаат професионална дистрибуција на американскиот пазар.

Романот „3 минути и 53 секунди“ во 2015 година беше финалист за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Бранко Прља активно издава од 2003 година и е автор на повеќе од 15 дела, помеѓу кои повеќе збирки проза и пет романи. Основач е на креативниот колектив „Капка“ и на првиот електронски конкурс за литература во Македонија „Електролит“, како и на екогрупата „Дај, не фрлај!“ и на порталот „Арно.мк“.