Роденовиот „Мислител“, веројатно една од најпознатите скулптури на сите времиња што прикажува човек со наведната глава потпрена на раката во седечка позиција, си најде нов дом во „Лувр“ во Абу Даби. Бронзената скулптура, заем од Роденовиот музеј во Париз, е една од оригиналните одливки што ги направил Огист Роден, меѓу 1881 и 1882 година.

– Самата скулптура е величествена и исклучително моќна. Роден е еден од најславните и универзални уметници, така што навистина мораме да го имаме во „Лувр“ во Абу Даби – вели Сураја Нудаим, задолжена за колекциите во музејот во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.

„Мислител“ е едно од неколкуте Роденови дела во овој музеј во Абу Даби, од кои некои се позајмени, а некои дел од постојаната колекција.

Музејот, кој го дизајнира францускиот архитект Жан Нувел, со купола со геометриски облици во арапски стил, предвидено е да биде мост помеѓу Истокот и Западот. Галериите прикажуваат едни покрај други будистички, христијански, исламски и еврејски артефакти, за да ја истакнат нивната универзална вредност. Колекцијата вклучува и археолошки чуда, како еден од најстарите пронајдени Курани, кој потекнува од околу 900 година, како и модернистички дела на Пол Гоген и Пабло Пикасо.

„Мислителот“, кој првобитно се нарекувал „Поет“, бил дел од Роденовата композиција „Вратите на пеколот“, која прикажува сцена од Дантеовиот „Пекол“. Оригиналната скулптура, висока нешто повеќе од 70 сантиметри, се наоѓа на врвот на капијата, а се верува дека го прикажува самиот Данте. Првпат поединечно е изложена во 1888 година, пред да биде зголемена во 1904 година.

Многу големи одливки на „Мислителот“ денес се наоѓаат низ светот, вклучувајќи ја и онаа во градината на Роденовиот музеј во Париз.