Секојдневно сме сведоци на јазични девијации, непочитување на нормите, па дури и нивно намерно и грубо прекршување, и тоа од страна на лица што, на пример, ги едуцираат нашите деца, од спикери, водители и новинари, кои се најекспонирани во јавноста и кои треба да бидат образец за правилен говор, кои треба да бидат претставници на јазичната култура, вели Ниами

Емил Ниами, славист и македонист

Емил Ниами е македонист, славист, доктор по филолошки науки, лектор на Филолошкиот факултет на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Автор е на речници за паронимите и Речник на антонимите во македонскиот јазик, истражувач и афирматор на рускиот јазик во Македонија, а неодамна ја доби и наградата „13 Ноември“ од областа на науката, како автор на првиот Речник на антонимите.

Наградата „13 Ноември“ е скромно оддавање почит за сите ваши заложби како славист. Како го доживувате ова признание?
– Наградата ми е особено драга со оглед на тоа што сум роден во Скопје, тука се школував, пораснав и созревам. Јас сум од оние генерации што современо Скопје го знаат во својот полн сјај. Во 1990-тите години, иако економски скршени, ние младите живеевме со духот на градот, творевме, учевме, запознававме, правевме сè што може да ја материјализира креативноста на еден млад човек. Дури и забавите ни беа креативни, ништо не беше случајно, мислевме на сè. И уште како млади знаевме што сакаме од животот. Некому соништата му се остварија, на други, пак, делумно, некои се разочараа што не успеале во своите намери. Како и да е, јас точно знаев со што сакам да се занимавам уште од времето кога бев студент. Точно ги знаев своите афинитети што доаѓаат до израз денес. А главниот виновник за тоа е таа слобода за сонување, таа слобода за надеж што ни ја даваше нашата престолнина. Токму затоа оваа награда за мене е од огромно значење.

Вашата истражувачка дејност ја насочувате кон пополнување на празнините во македонската лексикографија. Какви празнини има во науката за македонскиот јазик?
– За пополнување има уште многу. Ваквата состојба не се должи на некаква мрзливост од страна на научната јавност во земјава, ами во фактот што сме малкумина. Многу често може да се слушне дека ние, јас и моите колеги, не работиме ништо, но никој не дошол на некоја конференција, симпозиум, ниту, пак, има увид во она што го работиме. Секоја статија, секој дури и најкус научен труд бара многу време за читање и препрочитување, за основање, за истражување, па на крајот на краиштата и време за размислување. Науката бара конкретни одговори на конкретни прашања, не можеме да се однесуваме паушално. Во времево во кое живееме не можеме да си дозволиме да се занимаваме само со наука, затоа и многумина од нас имаат дополнителна дејност, со цел да си обезбедат егзистенција. Потребни ни се повеќе лексикографски изданија, учебни помагала, темелни академски трудови што ќе претставуваат цврста база за нашиот јазик, врз која понатаму ќе можат да се пишуваат други научни трудови. Веќе имаме два речника на семонимите, Речникот на антонимите во македонскиот јазик и Речникот на паронимите во македонскиот јазик.
Во крајна фаза е и подготовката на Речникот на хомонимите на македонскиот јазик, кој се надевам дека ќе излезе следната година. Мојата колешка Симона Груевска, која годинава го објави Учебникот по лексикологија на македонскиот јазик, веќе работи на речникот на синонимите, со што ќе заокружиме една целина. Од лексикографските изданија за македонскиот јазик е итен и крајно неопходен етимолошки речник, кој е мошне сложен за пишување и бара огромен труд и знаење. Но не смееме да се ограничиме само и исклучиво на македонскиот јазик. Потребно е да се насочиме и кон контрастивни истражувања, кон двојазични речници, кон проучување на македонскиот јазик како дел од словенските и од индоевропските јазици. Долго време зборуваме дека славистиката на светско ниво е во криза. Но многу словенски земји го надминаа овој проблем, секако со помош од државата, па сега смело чекорат напред, вршат истражувања, а славистиката во светски рамки повторно стана привлечна за научниците.

Од каква важност се двата речника и кои се вашите следни научни предизвици?
– Речникот на паронимите во македонскиот јазик е лексикографско издание што е многу интересно и привлечно. Тоа е од оние речници што можете да ги читате, не само да се консултирате со нив. Тој напати може да ве натера да се насмеете, да се замислите, но и многу да научите. Иако сум автор на овој речник, сè уште докрај не сум ја усвоил материјата, сè уште учам и се консултирам со мојот речник. Речникот на антоними, пак, е како крими-романче – во него ги откривате тајните на противоположноста на светот преточена во зборови. Со него откривате кои зборови се наоѓаат во лексичко-семантичка опозиција, начинот на нивна употреба, а сето тоа проследено со примери.
Овие речници се важни за сите оние што се грижат за културата на говорот, оние што сакаат правилно да зборуваат и да пишуваат и да бидат правилно разбрани од слушателот/читателот. Долга е борбата што ја водам со новинарите во објаснување на паронимиската замена на урбанистички со урбан. Постојано укажувам дека фамозната „урбана мафија“ всушност значи градска, а не градежна и доколку сакаат правилно да се изразат треба да зборуваат за „урбанистичка мафија“. Вакви примери постојат многу, но на говорителот, односно на авторот, останува дали сака навистина правилно да се изрази, а следствено и правилно да биде сфатен. Веќе споменав дека во крајна фаза на изработка е и првиот речник на хомонимите во македонскиот јазик. Ова ми претставува навистина голем предизвик, бидејќи повторно влегувам во едно суштинско истражување на материјата, повторно треба да учам, да читам, да се консултирам, за да можам да изградам сопствен став, сопствен поглед, сопствени критериуми. Се надевам дека коректно ќе ја извршам и оваа задача што си ја поставив пред себе и дека со неа ќе се пополни уште една празнина во македонската лексикографија. Потоа ќе се сосредоточам на мојата примарна преокупација, а тоа е русистиката. Во извесна мера веќе се подготвени два учебника – едниот е фонетика, а другиот лексикологија на современиот руски јазик, како и уште една интересна книга од областа на руската култура, а која се однесува на руската народна применета уметност. Сè на сè имам многу планови и многу предизвици, кои, се надевам, ќе успеам да ги совладам.

Велите дека ни е потребен нов закон што ќе ни укажува на лексичките, јазичните грешки, кој ќе ги коригира јавните информатори, јавните лица… Зошто ни е неопходен сега?
– За закон за употреба на македонскиот јазик се зборува многу долго и мислам дека на сите нас ни е веќе смачено од оваа тема. Потребен ни е функционален закон што нема да содржи декларации, туку што ќе биде облигаторен. Точно ќе се знае какви ќе бидат обврските на субјектите и, доколку не се придржуваат кон одредбите од него, какви последици ќе треба да понесат. Но за да се донесе еден таков закон, треба да се има на ум дека тој треба да биде напишан во соработка со познавачите на состојбите, на оние што се директно запознаени со проблематиката. Многумина се раководат од фактот што македонскиот им е мајчин јазик, па сметаат дека тоа е доволно. Затоа и секојдневно сме сведоци на јазични девијации, непочитување на нормите, па дури и нивно намерно и грубо прекршување, и тоа од страна на лица што, на пример, ги едуцираат нашите деца, од спикери, водители и новинари, кои се најекспонирани во јавноста и кои треба да бидат образец за правилен говор, кои треба да бидат претставници на јазичната култура. Денес во сите сегменти од животот можете да слушнете жаргон, дијалектизми, па дури и арго. И сево ова звучи клише, нешто што го слушаме со децении, но, за жал, нештата не се помрднуваат од своето место.

Колку добри познавачи сме на македонскиот јазик како луѓе, народ, нација, како да го збогатиме јазичниот фонд?
– Со читање. Луѓето заборавија на книгите. Социјалните медиуми се нашата денешна реалност. И јас не сум исклучок. Сè помалку наоѓам време за белетристика. Но од друга страна, дури и на социјалните мрежи се обидувам да „протнам“ понекоја литературна творба. Многу често на Фејсбук објавувам мои препеви од руската поезија, а одзивот, да бидам искрен, е одличен. Доколку ваквото нешто ни стане навика, нема да го потиснеме јазикот во втор план, ќе мислиме за него, ќе размислуваме на него, ќе го одржуваме во кондиција. Секако дека треба да се навикнуваме на новата реалност, да ги прифатиме новите нешта што ги носи прогресот и во тој процес да ги инкорпорираме човечките вредности, меѓу кои е и јазикот.

Треба ли да се актуализира потребата од домашни библиотеки?
– Безусловно. Навиката за поседување домашна библиотека се стекнува од мали нозе. Јас секогаш кога гледам некој убаво уреден дом во минималистички манир каде што не постојат „вишок“ елементи се прашувам каде се наоѓа библиотеката во него. Секако, ова е глобална тенденција. Но постојат и луѓе што се пасионирани читатели, кои се библиофили. Со мојата колешка од Русија, Елена Верижникова, понекогаш се шегуваме дека еден ден и ѕидовите во куќите ќе ни „откажат“ љубов од толкав товар. Секако, нам тоа ни е професија, но навистина не знам како во еден дом нема енциклопедии, капитални дела од македонската и од светската литература, толковни и двојазични речници. Во домовите каде што има мали деца можеме често да видиме сликовници (иако, морам да кажам дека повеќето од нив се со сомнителен квалитет) и тоа би било тоа. Со многумина книжари сме констатирале дека и она што се купува се бестселерите со слаб литературен потенцијал, слично на викенд-романчињата што своевремено се продаваа во трафиките. Не знам, можеби и јас сум опседнат со ова прашање, а за материјалната егзистенција ова е излишно. Сепак, на став сум дека освен како живо суштество, човекот е и духовен производ што самиот треба да си се изведе.

Денешницата ни наметна многу нови зборови, странцизми, англизми, ни треба ли нивно одомаќинување?
– Ни треба комисија за стандардизација – тоа е клучниот проблем. Тоа би требало да бидат луѓе што постојано ќе ги следат јазичните текови, ќе ги анализираат јазичните тенденции и, соодветно на тоа, ќе реагираат, ќе препорачуваат, ќе креираат. Јас навистина не гледам некој огромен проблем во позајмувањето, во калкирањето, зашто сметам дека македонскиот јазик е доволно силен самиот да си се избори со тоа, да го исфрли сето она што не му е потребно. Ова се докажа и кога своевремено имавме наплив на србизми и постојано се реагираше на нив. Еве, сега гледаме дека јазикот во голем дел самиот се ослободил од нив. Потребна е само добра и ненаметлива стратегија за насочување на овие текови.

Како стоиме со потенцијален иден кадар што би се залагал за македонистиката?
– Малкумина се, но одлични се. Кога во една генерација ќе имате две имиња како што се доцентите Бобан Карапејовски и Бојан Петревски знаете дека македонистиката како научна дисциплина ја оставате во вистински раце. Секако, потребна е поголема ангажираност за да се охрабрат нови кадри да се занимаваат со македонскиот јазик на научно рамниште, а тука, секако, треба да се вклучи и државата.

Кои се вашите идни провокации кога станува збор за обезбедување подобри услови за македонскиот јазик и неговата современа состојба?
– Многупати имам кажано дека сум загрижен од фактот што не постои институционализирање на определени гранки. Постојано зборувам дека во земјава е потребно основање лексикографски завод и институт за славистика. Причините сум ги објаснувал, но накусо, лексикографскиот завод би се грижел за проектите поврзани со речниците, кои се репрезент на јазикот, а институтот за славистика би го проучувал македонскиот во контекст на словенските јазици, но пред сè би ѝ дал поддршка на славистиката, која, како што истакнавме, е во криза. Ова се моите два големи проекти за кои ќе барам поддршка од колегите, од јавноста и од засегнатите општествени чинители. Мое е да ги претставам идеите, да дадам образложение, да се борам за нивна реализација, а дали тоа ќе наиде на разбирање кај соодветните органи е надвор од мојот домен.