Утревечер, (20.12) со почеток во 19 часот, во „Даутпашиниот амам“, во организација на Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена ретроспективната изложба на доајенот Танас Луловски-Тане, еден од најпознатите концептуални уметници од Македонија.

„Дали празен простор (во музеј, галерија, црква итн.) може да претставува уметничко дело?“ е прашањето што тој го поставува уште во далечната 1984 година, и тоа е прашање што сѐ уште е актуелно помеѓу современите уметници.

Танас Луловски-Тане (1940 г., село Желево, Леринско), по избувнувањето на Граѓанската војна во Грција животот најпрво го носи во Војводина, па потоа во Романија, каде што во 1967 г. дипломирал на институтот за ликовни уметности „Николае Глигореску“ и каде што ја имал својата прва самостојна изложба. Во Скопје доаѓа во 1968 година кога првпат учествувал на изложбата „Наше минато“. Станува член на ДЛУМ, а до 1985 г. работел како слободен уметник. Како стипендист на италијанската влада, Луловски потоа престојувал во Рим каде што се стекнал со специјализација на Академијата за ликовни уметности и тој е првиот македонски сликар што се поврзал со оваа институција. Неговата афирмација како ликовен уметник почнува во 1970-тите години, кога ќе ѝ го привлече вниманието на јавноста со своите платна, со делата со мотив на писмо и текст, со мултимедијалните концептуални проекти, со цртежи и текстови, со отворените писма во кои укажува и опоменува за насоката во која се движи човештвото.

Посебно ќе останат забележани неколкучасовната изложба во Уметничката галерија во Скопје во 1982 г., делото „Распнување: Триптих“, циклусот на дела „Детски игри“, „Интервенции во бело“, како и концептуалниот проект со кој бил отворен изложбениот простор во уметничката галерија „Чифте-амам“, во Скопје, во 2002 година. Беше професор по сликарство на Ликовната академија, добитник е на голем број домашни и интернационални награди.

Во 2006 г. излезе монографија на Луловски од Владимир Величковски, во издание на Музејот на современата уметност, која дава прецизна концепција за растежот и величината на овој уметник, како автор и како човек.

„Скромноста и едноставноста во животот се познаваат и во неговото творештво, во изборот на теми и во начинот на нивната обработка. Токму затоа, барањата на животот не можеле да бидат потиснати од потребите на творештвото. Чувствувањето на стварноста во неговите дела се синтетизирало со поранешните искуства и со сеќавањето на детството. Оттука неговиот стил еволуира според актуелните интересирања и доживувања на стварноста, почнувајќи од лирската и експресивна апстракција, преку лирскиот хиперреализам, до сликите во форма на писмо-текст и предметниот иреализам или концептуализам. Луловски е строг ликовен промислувач што мора да ги доживее работите“, вели Величковски во текстот на монографијата.