Деновиве е објавен македонски превод на „Адам и Ева“, едно од ремек-делата на големиот романски писател на 20 век Ливиу Ребреану (1885 – 1944). Ова е љубовен роман, но главна тема е верувањето во реинкарнацијата, односно метемпсихозата. Архетипска и андрогена двојка се бара и се дополнува во седум многу различни историски периоди.

Главниот лик на романот, Тома Новак, поминува низ повеќе животи, прво е свештеник во Индија, потоа гувернер во Египет, писар во Вавилон, римски коњаник во Рим во епохата на владеењето на Тибериј, калуѓер во средновековна Германија, лекар во Франција за време на Француската револуција и најпосле универзитетски професор во Букурешт. Тој се вљубува во седум различни женски личности: Навамалика, Изит, Хамма, Сервила, Марија, Ивона и Илеана.

Ливиу Ребреану (1885 – 1944) е романски писател, новинар и академик. Тој е еден од најзначајните романсиери во романската литература на 20 век. За романот „Јон“ ја добил престижната награда на Романската академија, а во 1939 година и самиот станал член на Академијата. Од 1928 до 1930 година раководел со Националниот театар во Букурешт, а од 1940 до 1944 година бил претседател на Сојузот на романските писатели. Автор е на голем број новели, драми, социјални романи, психолошки романи што претставуваат пресврт во романската литература и националната култура во тоа време.