Раскази за расказите, 5

Есента 2017-та беше, најблаго речено, незгодна за мене. Период на состојба што би ја нарекол „изгубитис“. Постојано ми се случуваше нешто да заборавам, да изгубам, да ми украдат. Расказите што ги пишував во тоа време, „Паричник“ и „Патот на еден капут“ се огледало на тогашната моја конфузија. Во случајот на вториот, животот потврди дека сум му дал добар наслов.
Расказот е хроника на патувањето на еден убав, лесен капут што сопственикот сепак мора да го однесе на преправка кај познат скопски кројач. Во меѓувреме, јунакот, полуизгубен поради несредените семејни односи и неплатените сметки, се соочува и со ненадејната смрт на кројачот и со сопствената несмасност во сообраќајот… (да не ја прераскажувам приказната, мислам дека е многу подобра напишаната). Капутот беше најконкретен. Го добив точно оној што го опишав, од кашмир, со помош на другарка ми Весна. И мене, како и на главниот лик во „Патот на еден капут“, потполнките на рамениците ми беа прешироки, а, за жал, и мојот кројач ненадејно почина додека чекав да ми го поправи капутот. Се потрудив овие лични незгоди да ги вткаам во приказната за кутриот мој не-јунак.

Расказот штотуку беше завршен (и подоцна влезе во збирката „Делфинот“) кога заминав во Белград (со капутот, се подразбира) по покана од српското друштво на преведувачи што секоја година организираше собир посветен на преводите на делата на одбран современ автор. Седмичниот белградски престој ми минуваше, како и секогаш кога сум таму, дружељубиво, уште повеќе затоа што во исто време се одржуваше и Октомврискиот саем на книгата. И токму тогаш, додека уживав во радоста на дружењата, ми украдоа добра сума пари. Во саемската турканица, од џебот на капутот. За разлика од осумте ореви во џебот на јунакот на расказот, јас во мојот носам, и покрај постојаните предупредувања на моите блиски – истуткани паричници. Понадица што некој махерски џепчија лесно ја искористи. Останав буквално без пари.
Затоа, велат, во неволја се познаваат пријателите. Во овој случај, веднаш ми се најде мојот Влада Бајац.

Не само што ми помогна парично туку наредната вечер кај него организира журка. Со муабети, пијачки и грицки, стари хитови на пијаното… подзаборавив на грабежот. Кога расположен и малку цврцнат, го навлеков капутот и излегов во длабоката белградска полноќ, не можев друго освен да се насмевнувам.
Но веќе следното утро насмевката ми се замрзна. Причината беше, погодивте – капутот! Но не оној на кој веројатно помисливте. Не оној од расказот. Овој беше друг, сличен, но поинаков!
Дури тогаш почнав да забележувам разлики. Беше потесен, и некако поотмен. И за нијанса посветол. Освен тоа, ми го снема пасошот. Ми остана во внатрешниот џеб на оној капут.

Ми изгледаше дека ме снимаат со скриена камера. Дека случувањата се надвор од мојата контрола, како кај кутриот јунак од „Патот на еден капут“.
Веднаш, онака разнебитен, му се јавив на Бајац. Можеби, се понадевав, сум го заменил капутот на крајот од вчерашната журка, замаен од пијалаците и дружењето.
Не, мојот капут не беше таму. Логично, заклучивме дека јас веќе сум бил со позајмениот, туѓ капут кога синоќа сум дошол на журката.

Не преостана ништо друго, освен со автомобилот на Владо да ги пребараме местата каде што претходниот ден можеше да се случи размената на капутите – ресторанот кај Сајмиштето, кафулето на Калемегдан… безуспешно!, мислам дека во тие часови вознемиреноста ми растеше побрзо од времето, што да се прави? – ме опседнуваа вознемирувачки прашања – каде попрво да се оди – во полициска станица, во македонската амбасада?
Владо ми предложи да се потсмириме со по едно кафе на Кнез Михајлова. Влеговме во првото кафуле. Штом ме здогледа шанкерот се запули во мене, а потоа го извлече пасошот од под шанкот: – Ве препознав по фотографијата. Прекчера го заборавивте во капутот.

Ме преплави цунами од благодарност. Го прегрнав Владо, па шанкерот (далеку беше времето на корона!) и успеав да пропелтечам: – А капутот?
– Вашиот капут сега има нов газда. Италијанец. Мораше да побрза. Ви го остави пасошот и со вашиот капут замина за аеродром. Ви порача да си го носите долго и со здравје.

И така, си добив нов капут. Брзо ми легна, еве, си го носам трета година. Кога короната почна да ја пустоши Италија, помислив што прави мојот италијански незнаен пријател и дародавец, дали е добро, дали, додека е во карантин, можеби се потсетил на епизодата со капутите?
„Патот на еден капут“ е една од моите понеобични приказни, иако е натопена од стварноста. А колку таа стварност може да биде забиберена од необичното, тоа само животот го знае.