Раскази за расказите, 4

Раскажува соседот Никола, за време на карантинот: „Еднаш со Свето бевме по работа во ’Сковин‘. Тогаш копавме тунели за цистерни за вино. Тунелот требаше да минува преку една бавча. Бавча преполна убави садници од разни овошки, се гледаше домаќински одгледани, со љубов. Ни падна жал. Се извинувавме на домаќинката, но таа беше љубезна, разбрана жена, иако се гледаше дека и нејзе ѝ е тешко“. Ни кажа: „Знам дека ви е наредено, не е по ваша желба… Би сакала да ви подарам нешто за да се сеќавате на мене и на мојата градина“. И потоа ни донесе две садници цреши: „Ова е многу убава сорта, ќе видите со време“.

Свето ѝ рече дека не треба, посака само грст цреши. А јас ја зедов садницата и ја посадив во дворот. Минуваше време, таа навистина растеше, ама не даваше плод. Веќе сакав да ја откорнам. Додека еден убав пролетен ден здогледав неколку цветчиња на нејзините гранки. Значи, вредеше! И дрвото остана. Сега е веќе големо и дава многу сочни и крупни цреши, првин се жолти, потоа зарозовуваат. Имаат освежителен вкус, а од нив може и слатко да се прави.

Свето, мојот татко, и чичо Никола се врсници, родени 1928-та. Својот работен век го поминаа во „Бетон“, проектирајќи и градејќи фабрики, мостови, патишта со несмален елан. Тато не ја дочека пензијата, замина во својата 58. година, заитан, задишан дух, храбрејќи се, иако со болки и речиси неподвижен, дека ќе може да направи нешто следниот ден. Чичо Никола, во десеттата деценија на животот, ја задржа својата физичка и ментална подвижност
Црешата инаку е насадена речиси на самата линија меѓу нашите два двора. Додека чичо Никола раскажуваше, јас качен на скала, берев од црешите. И ќе каснев понекоја. Навистина се вкусни.