Раскази за расказите, 1

Тројцата прадедовци се родени во град, но четвртиот, Прокопија, Копе, по кого го носам презимето, детството го минува во селото Кокино, каде што неговото семејство Буколовци живеело во типична семејна комуна. Хроничарот бате Иле во Жолтата тетратка гo опишува Трајко, таткото на Копе, како „напрек човек, секогаш намуртен, јавач со нагрната гуња на добар силен коњ“. Овој пластичен опис на таткото на Копе сигурно не е заснован на доживеано сеќавање (Трајко е прадедо на бате Иле), туку на една семејната легенда за грубиот, деспотски татко на коњ и непокорниот, досетлив син. Интересно е дека бате Иле не пишува за неа во Жолтата тетратка, но затоа ја слушнав неколкупати лично од него, а и од дедо ми Санде и од татко ми; притоа интересно е дека нивните верзии не се разликуваа, иако мислам дека таа приказна сама по себе е мошне амбигвитетна, меѓу она што навистина се случило и она како е предавана низ генерациите, како исклучителна драмска ситуација. Како таква, ме провоцираше да ја вметнам во расказот „Прокопија“ во збирката „Човекот со четири часовници“:

„…Како десетгодишно момче, едно утро се преправил дека е болен и останал в постела, па додека домашните биле надвор, на работа во полето, тој со бовчата на рамо пошол од Кокино право за Куманово. Кога татко му Трајко видел дека го нема дома, го јавнал коњот (според бате Иле, ’одма му станало јасно куде е Прокопија‘), па негде на полпат го престигнал. – Што мајку тражиш тамо? – му се развикал (можам да замислам колку страшно од горе, качен на коњот, можеби со ’нагрната гуња и со кубур и долг нож во појас‘, му изгледал на десетгодишното дете). Но Прокопија, според бате Иле, му одговорил неуплашено: – Татко, иду куде чичо у меану у град Куманово. Ќе му помагам и ќе стану трговац. – Ти?! Види се ама си малечак, џивџан ед’н! – Татко, ја те тебе поштују. И ти треба мене да ме поштујеш. Сакам да живу у град Куманово и да стану познат трговац. Да имам много паре, да направу голему куќу и да си ги школују деца. Ова со ’школовање на деца‘ сега ми се чини малку пресилно, но тогаш, како дес’тгодишњак, слушајќи ја и гледајќи ја драматичната гестикулација на бате Иле, сѐ изгледаше јасно и убедливо како на дланка.

Видел-невидел, газда Трајко попуштил пред непоколебливиот Прокопија, кој цврсто решил да стане свој човек. Во хибридниот јазик на бате Иле, како и кај дедо Санде (кој, пак, затоа, францускиот го зборуваше граматички без грешки) се провираше блага нота на кумановскиот (иако во Скопје живееше од својата десетта година – сите деца во приказните на бате Иле имаа десет години!), но кога ја кажуваше прокопиевската историја, во директниот говор на ’актерите‘ задолжително го употребуваше кумановскиот. А сега, зборувајќи за храброста на малечкиот Прокопија, тој и самиот се цитираше на кумановски: – Још од малецак беше за чорбаџију. Знаеше што треба да направи и како тој да га постигне…“.

Расказот „Прокопија“ е еден од неколкуте мои „археолошки“ обиди да допрам до фрагменти од светот на моите предци, но не заради документирање на нивните биографии, туку како храна за книжевни обработки што би имале естетски ефект. Понекогаш сум се инспирирал и ќе се инспирирам од одделни навистина возбудливи ликови и епизоди од мемориската ризница на моето семејство, но мојата потреба додека пишувам за нив е да се обидам да бидам набљудувач, а не хроничар; она што ме интригира се сенките, тајните одаи на меморијата, нештото што е под фактот, несогласностите под согласноста.

Што се однесува до Прокопија, тој, откако се доселил во Куманово, првин преку меаната, а потоа преку трговијата со жито, за кратко време се збогатил, станал угледен граѓанин, бил избиран за член на црковни управи, а и за аза, претставител на христијаните во Куманово и во околијата. А се чини имаше тежок карактер, на татка му Трајка.