Да ја чуваме македонската кирилица, да се гордееме со неа, да ја употребуваме, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања. Со неколку букви карактеристични само за нашето пишување, македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност, порачува авторот на автентичниот фонт базиран на ракописот на Рацин

Ласко Џуровски, типограф

Рациновата поезија е непресушна инспирација за разновидни уметнички форми. Овој пат синтезата од неговото творештво, ракописот и длабоките емоции го инспирираа типографот Ласко Џуровски да создаде автентичен фонт од 600 карактери, со кој ќе може да се пишува кирилично и латинично на 93 јазици.
Џуровски е вљубеник во македонската кирилица. Има околу 40 години работно искуство во областа на графичкиот дизајн и 30-годишно искуство во типографијата. Препознатлив е како автор на најпопуларниот македонски кириличен фонт Скола и автор e на околу 400 авторски фонта.

Што ве иницира и инспирира да создадете фонт базиран на ракописот на Рацин?
– Токму ракописот на Рацин. Ме инспирираа длабоките емоции што зрачат од неговите оригинални ракописи, богатството на букви што на моменти се толку различни што ќе помислите дека ги пишувал некој друг човек, за да заклучите, кога ќе се задлабочите истражувајќи го секој потег што го направил, дека се работи за човек со пребогат дух, човек што со прекрасно испишаните редови ги опишува љубовта, тагата, радоста, болката, страдањата, на начин што никого не остава рамнодушен. Текстот е „навезен“ така што кога ги читате неговите песни како да ги допирате нишките со кои неговата Ленка ја ткаела кошулата. Ја чувствувате маката на тутуноберачите, срцето ви затреперува кога ќе го прочитате крикот со кој завршува песната „Татунчо“.

Првата објава на проектот содржеше 24 букви, а фонтот постепено го надградувавте. Како еволуираше фонтот што веќе има солидни 600 карактери?
– Фонтот е веќе во завршна фаза и конечната бројка на карактери што ја содржи е 600. Всушност, сѐ започна како обид, тест, прво изработив само неколку букви, поточно името и презимето на Рацин. Постапката беше таква што преку дигиталната верзија на еден од документите со неговиот оригинален ракопис ги испишав тие неколку букви. Тоа ми изгледаше интересно од типографски аспект и продолжив понатаму. Најголемиот број кирилични букви застапени во фонтот се преземени од оригиналниот документ на песната „Денови“. Постапката воопшто не е лесна ниту едноставна. Секоја испишана буква морам прво да ја векторизирам и потоа да ја внесам во апликацијата за изработка на фонтови, каде што продолжува понатамошната обработка. Прво и основно што треба да се нагласи е тоа што дигиталната верзија на фонтот никако не може да биде идеална репродукција на оригиналниот ракопис, таа е сублимат направен од изборот на буквите што се компатибилни една со друга за да функционираат сите заедно како максимално читлив текст. Особено кога се работи за ракопис во кој сите букви се меѓусебно поврзани. Кога пишувате рачно, лесно е да ги поврзете буквите, секоја буква е уникатна, нема две исти букви, кога тоа го правите во компјутер работите се многу поинакви, за да бидат поврзани сите букви, треба да имаат иста завршна линија на десната страна, односно страната што ги поврзува една со друга. Самото тоа покажува дека буквите мора да содржат елемент што ќе биде еднаков за сите, што претставува основна разлика од рачно пишуваниот текст.

Што сѐ содржи фонтот, освен букви?
– Фонтот Рацин има 600 карактери, но тоа не се само букви, тука влегуваат и бројки, интерпункциски знаци, акценти, математички знаци, лигатури, алтернативни варијанти на некои од буквите, контролни карактери што се неопходни за дефинирање на позициите на секоја буква во компјутерите итн. Според мојот начин на работа, максималниот број на карактери што можам да ги исцртам за еден ден се околу 15, во зависност од нивната сложеност. Поголемата работа следува по завршувањето на сите карактери, поточно треба да се дефинира димензијата на секоја буква, а со самото тоа и растојанието меѓу буквите, кажано со типографски јазик спејсинг. Потоа следува т.н. кернинг, односно дефинирање на поставеноста на секоја поединечна буква во однос на сите други. На крајот доаѓа програмирањето на специјалните функции на фонтот т.н. опен тајп фичрс, по што следува генерирање на конечната верзија.

Користите дигитални фотографии со оригиналниот ракопис на Рацин на македонски и српски јазик. Какви истражувања правевте при креирањето на фонтот?
– Извесно време многу внимателно ги анализирав документите со неговиот ракопис. Дојдов до заклучок дека неговиот ракопис е различен во зависност од тоа на каква тема пишува. Кога пишува за љубовта, неговиот ракопис е мек, сите букви се внимателно напишани, заоблени, поврзани една со друга како да се прегрнуваат, како да се љубат. Кога пишува за болка, за страдања, неговите букви се многу поостри, побрзо напишани, како да сака со нив да го искаже револтот што го чувствува во душата. Буквите и нивниот изглед се одраз на емоциите што ги чувствува во моментите кога пишува. Типографски гледано, од денешен аспект, има некои елементи во неговиот ракопис што денес можеме да ги третираме како недоследности. На пример, големата кирилична буква „Н“ во сите негови ракописи е напишана како големата латинична буква „N“, малата латинична буква „k“ е идентична со малата кирилична буква „к“, споредени со правилата што денес владеат во типографијата. Затоа, во конечната верзија на фонтот јас вметнав алтернативни карактери на овие букви, со што му давам на корисникот можност да одбере кој пристап ќе го користи.

Фонтот е сублимат на сите состојби и расположенија на Рацин. Со што најмногу ве импонира ракописот на Рацин?
– Нема вистински зборови со кои може да се опише неговиот ракопис по анализата на сето она што го напишал. Јас добив впечаток дека се работи за исклучително интелигентен човек, бескрајно емотивен, човек што безусловно се дава себеси во она што го работи, човек што е подготвен да ја поднесе и најголемата жртва во име на љубовта, со еден збор кажано – човек што имал душа голема како планина.

Спомнавте дека со фонтот креиран по ракописот на Рацин ќе може да се пишува и кирилица и латиница на 93 јазици. Какви сѐ адути крие овој фонт?
– Фонтот е креиран според типографските правила што во моментов функционираат во светот. Ги содржи македонските и српските кирилични карактери и латиничните карактери од кодната страна OpenType LatPro, што овозможува пишување на околу 80 светски јазици. Исто така, тој содржи и специјално креирани карактери, т.н. лигатури, кои се неопходни за беспрекорно да функционираат поврзаните букви на фонт со т.н. скрипт-стил, како што е Рацин. Фонтот нема претензии да биде совршен, но има свои специфичности што прават да биде свој, да биде оригинален, а сепак да ги испочитува сите типографски барања што функционираат во моментов на светско ниво. Инаку, фонтот Рацин наскоро ќе биде достапен за преземање по сосема симболична цена, за да можат лесно да го набават што повеќе заинтересирани за него. Се надевам дека секој што ќе го употребува, барем на момент ќе почувствува дел од страста со која пишувал Рацин. Интересно е да спомнам дека фонтот, како специјален карактер, го содржи и портретот на Кочо Солев Рацин.

Со фонтот, велите, го чуваме и надградуваме македонското културно наследство, да го запишуваме во вечноста, каде што никој не може да го избрише. Какво значење има за вас целиот овој типографски проект?
– Да, точно така, она што го оставил Рацин е македонско културно наследство со кое ние треба да се гордееме. Неговите песни, неговите зборови се неизбришливо сведоштво за едно време, за животот и борбата на Македонците во тие историски моменти. Зарем може некој да го негира и да го избрише тоа? Не, не може, затоа што тој дел од нашата историја е запишан длабоко во сите нас со многу пролеана пот, со многу пролеана крв. Овој проект мене лично многу ми значи, преку него сакам да испратам едноставна порака – да ја чуваме македонската кирилица, да се гордееме со неа, да ја употребуваме, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања, затоа што таа е уникатна и единствена, различна од сите други кирилски писма. Со неколку букви карактеристични само за нашето пишување, македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност, ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, пишуваме со македонско кирилско писмо. Со продолжување на нивните дела, да им оддадеме почит на великаните како Рацин за сето она што ни го оставиле, за душата да има зошто „душа да е“.