Награденото дело на Виолета Чаповска

„Првиот грев – првата доблест“ претставува хеуристички конципирана тема што ја извлекува „непослушноста“ (според наводите, со потекло од еврејско-христијанската традиција) како наследен грев на човекот на едно уметничко-епистемолошко рамниште, поставена од кураторот Кирил Пенушлиски како мисловна рамка низ која селектираните учесници на 18-от Зимски салон на Друштвото на ликовните уметници (ДЛУМ) го побараа својот одговор. Ваквиот наратив многу ретко е контекстуализиран низ современите изложбени концепти, бидејќи бара излез од буквалното поимање или проширување на мисловниот процес од она што значи читливост на прв поглед. Историски гледано, религиската тема е инхерентна за сакралната уметност, третирана преку илуминации на манускриптите, провлекувајќи се низ средниот век и завршува со доцната ренесанса или познатиот маниризам. Во 18 век, со рококото и венецијанската школа се забележуваат последните ликовни записи на евангелијата, додека класицизмот и неокласицизмот, третираат теми што ја изразуваат моќта на империите. Во рецентните периоди, ако може така да се гледа на 1990-тите и постмодернизмот, „Прат институт галерија“ ја организира изложбата со наслов „Религијата во уметноста“ во 1981 г., каде што 25 уметници артикулираат низ иконографија традиционална за сакралната уметност. Делото „Шеесет тајни вечери“ (1986 г.) на Енди Ворхол е меѓу последните примери на воспоставувањето на историјата на ефектите, односно возможна интерпретација на еден текст врз сегменти од современата визуелна уметност и култура.

Во контекст на ова, не е воопшто зачудувачки обидот на кураторот на Зимскиот салон да ги оживее овие наративи и да воспостави релација со современоста како возможни аспекти на промислување, но зачудувачки е начинот на кој уметниците одговориле во еден претпоставен современ контекст, без особени обиди да се направи дистанца од наративот во ликовниот израз или барем во насловеноста на делата. Изложените дела одразуваат уметничка инертност, а само неколку автори успеале да ги контекстуализираат делата на начин својствен за современиот ликовен јазик. Алегоричните деформации на фигуралната експресија и квазимодернистичкиот мимезис на евангелијата се најприсутни. И покрај тоа што темата јасно нуди мноштво на интерпретации и возможни толкувања, многумина од уметниците заглавиле на самиот влез во наративот.

Во награденото дело на Виолета Чаповска „Мерка на растојание“, ваквиот пристап не е новост, туку напротив, современата уметност содржи низа примери во кои актуелна тенденција е омаж или епитаф на познати историски личности како архетип за конципирање нови ликовни форми. Но кога станува збор за ликовноста и специфичноста на изразот, тука предност, секако, има неприкосновениот сликарски потег на Кирил Гегоски, кој не само што поседува содржинска длабочина во една изворна материја (опожарената планина) туку и поради начинот на кој делото е завршено, надворешно прикачено платно врз блинд-рамката, видливост на завршните постапки, непретенциозна намерност, воспоставувајќи релација со еден од излезите што оваа тема ги нуди. На изложбата се приложени и доста невообичаени интерпретации. До која мера може еден изграден ликовен ракопис да се модифицира е она што замислува пред делото „Прoстoр за бегство или преобразба“ на Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ. Од друга страна, пак, уметникот може и да ја задржи потребната автономија, неуморно да истражува и да го бара својот одговор низ нови изразни постапки, како Тања Балаќ во делото „Наредниот ден“. Она што е воочливо е дека голем број од уметниците сосема површно ја разбрале темата, без подлабока аналитичност и покрај тоа што во наративот јасно е фуснотирана инспирацијата за оваа тема, а тоа е човековата душа под социјалистичкиот режим, според есеј на Оскар Вајлд. Освен тоа, наводите јасно посочуваат на цикличните процеси и преобразби во историските процесии и ентрописките влијанија на доминантните политики низ времето. Оттука, дали се „гревот и доблеста“, „Адам и Ева“, предмет на очекуваната анализа или индивидуата што не успева да ја одржи автономијата на непослушноста како неопходност во сите времиња – далечни и сегашни, сопствената религија и човечките обиди за истрајност, кои ги впиваат или одбиваат облиците и преобразливите видови на гревот и доблеста, чија препознатливост е речиси невозможна. Тоа што дополнително ги деформира ликовните дела се токму личните изјави на уметниците, кои се приложени како објаснение за творечкиот пристап, но дури и независно од описите, севкупната еманација на приложеното говори за тромавост и некреативност, кои веројатно не се само производ на летаргичноста, туку и капацитетот на уметникот да ги обликува своите замисли низ ракописот што го избрал. Сосема нејасно е зошто просторот на амамот од каде што започна изложбата е целосно посветен на еден автор, Александар Зафировски, кога наместо најавеното откровение видовме цела серија еднолични мултиплицирани пејзажи во повеќе салонски формати, безмалку подготвени за галериска лицитација.

Во минатото покровители и поддржувачи на оваа манифестација биле Министерство за култура и медиумите, а сега покровителството доаѓа од повеќе државни фондови и приватни спонзори. Незадоволството е сè поголемо, а учесниците се во сè помал број. Не знаеме дали ДЛУМ ќе издржи во своите напори преку естетски чин (годишната изложба) да издејствува средства за организацијата и не знаеме дали ќе создаде механизам против бирократизацијата што ги опфаќа речиси сите институции, кои зависат од државните фондови. Што значи константното наметливо присуство на функционери на овие изложби и дали тоа подразбира директно политичко лобирање до самиот врв на изворот на моќта, ако не, во кој облик доаѓа поддршката? Може ли уметничката фела да остане слепа и глува при ваков начин на посредство и демонстрација на моќ на политичките субјекти врз автономијата на уметноста? И конечно, дали константна несигурност, неизвесноста и финансиската состојба влијаат врз креативноста, или едноставно, длумовите уметници ги нормира просечноста?

Натали Р. Павлеска